Зголемен бројот на нови случаи на Ковид-19 во Грција

by Fokus

Зголемување на новите случаи на Ковиед-19, меѓу 156 и 266 отсто во изминатите четири дена, во споредба со една седмица претходно е регистрирано во Грција, како што соопшти професорот епидемиолог и член на надлежната комисија во Министерството за здравство Гикас Мајоркинис, јави дописничката на МИА од Атина.

Мајоркинис преку неговиот Фејсбук профил ги анализираше официјалните податоци од четвртокот до неделата, наспроти истиот период минатата седмица, па така вчера имаше 619 нови случаи наспроти 236 пред една недела, односно зголемување за 262 отсто.

Според професорот, во саботата имало 266 проценти повеќе новозаразени, односно 1.001, наспроти 375 минатата сабота, во петокот зголемувањето било за 195 отсто, а во четвртокот за 156 проценти.

-Како можеме да помогнеме во забавување на четвртиот бран што ни е пред вратите?, прашува Мајоркинис и дава решенија: чести превентивни тестирања со селф тест за невакцинираните, избегнување активности каде што има гужва, сè додека не се заврши со процесот на имунизација, како и закажување термин за вакцинација.

За текот на епидемијата и за процесот на вакцинација во земјата, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе одржи состанок со претставниците на Униите на општини и периферии во Грција.

Поврзани новости