Згодите и незгодите на Меморија: Орде фати женска и ни лупна телефон пред концерт!

by Fokus
Легендарната група Меморија се подготвува за своето враќање на музичката сцена, со концертот кој е закажан на 18 – ти ноември, во Метрополис Арена, Скопје.
 
По околу дваесет години пауза, генијалните музичари ги израдуваа своите фанови со настап на манифестацијата ,,Златна Бубамара 2017’’ и покажаа дека се уште се во одлична форма, и имаат уште многу да понудат на публиката.
 
Веќе неколку месеци наназад, членовите на групата се во постојан контакт со своите обожаватели, преку нивниот официјален Фејсбук профил – ВИС Меморија. Секојдневно ги споделуваат нивните безвременски хитови, со кои израснаа многу генерации, но и разни случки од времето кога имаа редовни гостувања и турнеји низ земјава.
 
Интересната случка од настап во Кавадарци, на која се присетија денес, ги насмеа и им ги врати спомените на луѓето кои биле присутни на концертот, одржан пред повеќе од дваесет години.
 
,,За Кавадарци можеме да ви пишуваме цели фермани со догодовштини, но за почеток ајде да почнеме со неколку.
Возиме кон Кавадарци. Се споија небо и земја. Во кола со Мичо и Цале си мислиме е..аси мајката времево. Концерт сигурно јок! Мислам дека тоа е еден од ретките денови кога навистина полуде реката Луда Мара. Ние возевме од Неготино кон Кавадарци, и токму таа Луда Мара носеше коњи и коли! (Инаку нормално тече како поточе).
Ентузијазмот ептен ни падна. Стигаме таму и Ане и Златко, членови на групата Токму така, ми велат: „Ич да не му а мислиш, сега убаво че оладе и ке имаме одличен концерт. Продадени се преку 1000 карти.“ – се сеќаваат од Меморија.

,,Седнуеме у Бриони, јадеме и времето се оправа, престанува да врне, ама Орде Сељакот со разгласот никако да стигне. Тогаш немавме мобилни па го баравме преку пејџер. Откако не се јави, Перо преку свои врски разбра кај спие во Охрид, каде имавме концерт претходниот ден. Незнаејќи кој го бара, се јавува на телефон во куќата кај што спие и го праша: „Што праиш уште во Охрид?“ – „Фатив женска, не доаѓам у Кавадарци!“, и му го лупна телефонот.

Им кажувам на дечкиве од Кавадарци и они у паника почињаат да бараат свадбарски озвучења низ градот. Најдоа неколку Монтарбо разгласи, ги врзавме сите заедно, праиме кратка тонска проба во преполнетата дискотека, испивме по една жестока и се фрливме на свирка.
 
Повеќе срам не сме јаделе во животот никогаш заради озвучувањето, ама кога мораш… На крајот не вратија и неколку пати на бис. Можам да ви кажам дека првпат после многу години се начукавме со кавадерчка ж’та и си обеќавме дека ќе си напраиме наше озвучење што на крајот и се случи!
Оваа беше за едното диско и двете третини од Токму така, Ане, Јосо и Златко. Наредната приказна ќе биде за дискотеката Парк која ја водеа сега покјниот Трајко Каров и брат му Бубо Каров, фронтменот на Токму така’’ – раскажуваат членовите на групата.
 
Скромно не замолуваат да не менуваме ниту еден збор од текстот, да остане и кавадаречкиот дијалект, бидејќи ќе се изгуби дел од магијата за спомените.
Додаваат дека со нетрпение ја чекаат дружбата со публиката, закажана на 18-ти ноември, каде ќе се обноват убавите спомени.
 
Меморија се појави на сцената во 1984 година. Направија бум на естрадата со хитот ,,Нена’’ а потоа следеше и ,,Оган под ѕвездите’’ песна која буквално ги издигна на македонското музичко ѕвездено небо и момците станаа музички херои, со чиј настап се славеше и прогласувањето на независноста на Македонија.
Групата престана да функционира во 1996 година.
 
Вики Клинчарова
 

Поврзани новости