Згаснаа честитките од Ѓорге Иванов, екс претседателот потона во молк за празниците

by Fokus

Ако минатата година за време на Денот на Свети Кирил и Методиј беше во посета на Словачка, каде на конференција пред присутните појаснуваше за важноста на словенските просветители, оваа година поранешниот претседател Ѓорге Иванов, не го ни честита празникот на својата официјална страница на Фејсбук, како што се случуваше во минатото.

На страницата – Ѓорге Иванов, поранешен претседател на Република Македонија, каде тој има околу 120.000 следбеници, поранешниот претседател последен пат се огласил на седми јануари, по повод празникот Божиќ, каде во името на неговото семејство на народот му посака здравје, среќа и радост. Честитките по повод верскиот празник Велигден од страна на Иванов, годинава исто така изостанаа.

Последен пат во јавност беше забележан кон крајот на февруари, кога со сопругата Маја и синот Иван беше на австралиска турнеја, каде присуствуваше на повеќе забави на нашите иселеници. Тогаш се објавија фотографии и видео снимки од фамилијата Иванови, додека расположени играат оро. Турнејата во Австралија на Иванови остана запаметена и по случката со евакуацијата, односно додека тој држеше говор, се вклучија безбедносните аларми, по што салата беше евакуирана.

По завршувањето на претседателскиот мандат, Иванов сосема се повлече од јавноста, и за разлика од Никола Груевски, кој дури и додека е во бегство редовно ги честита државните и верски празници на својата страница, па дури и сугерира и ја советува Власта како да работи, Ѓорѓе потона во молк.

Инаку, тој користи два стана како свои канцеларии во една од кулите на Џевахир Холдинг во Скопје.За нив, како што самиот појасни во минатото, државата плаќа закуп во висина од 1.950 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости