Земјотресите предизвикаа штети во битолската болница, неколку соби се надвор од функција

by Fokus

По серија земјотреси кои беа почувствувани во Македонија, а најмногу на територија на Битола се појавија оштетувања и на зградата на Клиничката болница, објави телевизија Тера.

Според директорката д-р Билјана Гагачовска во понеделникот бил прекинат елективниот хируршки програм, поради очекувања на нови потреси, а со тоа и да се избегнат дополнителни компликации

Како што вели, од понеделник повторно ќе започне да функцинира хируршкиот програм.

Тие во вторникот се обратиле и до Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија и до општина Битола за да се направи проценка на ситуацијата во болницата, а откако пристигнале експертите на терен првичните проценки се дека зградата самата по себе е стабилна, а оштетувањата кои се направени не ја нарушуваат статиката, ниту пак доведуваат до сериозна опасност од некои поголеми поместувања во зградата, имајќи во предвид дека е градена по сите прописи во шеесетите години на минатиот век.

Според информациите, поголеми оштетувања има во две одделенија – Одделението за неврологија и Одделението за интерни болести.

Гагачовска вели дека тие оштетувања се доста сериозни, но тие како болница не се во можност веднаш да санираат, со оглед на тоа дека тлото во Битола се уште не мирува.

Таа додава дека болницата продолжува да функционира нормално, но со намален капацитет на посочените одделенија.

Поврзани новости