Земји од ЕУ сакаат да отворат мигрантски кампови на Балканот, пишува францускиот „Монд“

by fokus

На Самитот во Софија лидерите на земјите членки на ЕУ разговарале за можноста за отворање мигрантски кампови во државите од балканскиот регион, со што би се спречиле бегалците и мигрантите да влегуваат на територијата на Унијата, објави во денениот број францускиот весник „Монд“.

Идејата, според весникот, потекнува од Данска и Австрија, две земи кои имаат европскептични и антимигрантски влади. На 5 јуни, данскиот премиер Ларс Локе Расмусен најави дека е во разговори со австрискиот колега Себастијан Курц, чија земја на 1 јули го презема претседавањато со Унијата, за создавање нов систем за азил во ЕУ, чија централна точка би било „отворање заеднички центри за прием и протерување“.

Со други зборови, објаснува „Монд“, тоа би биле еден вид кампови каде ќе се задржуваат мигрантите кои немаат право на азил, а не можат брзо да бидат вратени назад.

Иако Расмусен не кажа јавно каде би се отвориле тие кампови, францускиот весник „од сигурни извори“ дознава дека станува збор за Албанија или Косово.

Данскиот премиер изјавил дека е „во контакт и со други европски лидери“ и дека е „оптимист“ за проектот.

– Разговорите всушност се воделе на Самитот во Софија на 17 мај помеѓу 28-те земји членки и пет држави од Западниот Балкан, тврди „Монд“, додавајќи дека плановите на Виена и Копенхаген им се презентираат и на другите земји членки на ЕУ.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Белгија тврди дека не била консултирана, додека Холандија се уште не се произнела по предлогот.

Данците, според „Монд“ се обиделе да ја придобијат Германија, која била „скептична“, додека Франција била „вчудоневидена“ и се спротивставила на идејата.

– Незамисливо е балканските земји да прифатат такво нешто дури и со финансиска помош за возврат или со забрзување на нивната европска интеграција, изјавил француски дипломатски извор.

Дипломатски извори во Советот на ЕУ за МИА потврдија дека „неколку земји членки на Унијата разговараат за оваа идеја“, но дека тоа не е предлог на австриското претседателство.

Сепак, австриското претседателство ја разгледува идејата на овие неколку земји, меѓу кои е Данска. Детали не се соопштуваат за тоа кои други земји ја поддржуваат идејата.

Изворите на МИА потврдуваат дека „најверојатно тие кампови би биле на Балканот“, со оглед на тоа дека предлогот кој е доставен од страна на Данска посочува дека камповите би биле „надвор од ЕУ, но на европскиот континент“.

– Концептот е во изработка, а експерти рааговараат за него, порачуваат дипломатски извори во Брисел.

Доколку разговорите и експертските анализи го потврдат концептот, не се исклучува можноста тој  да се формализира како предлог на ниво на ЕУ и Австрија да го стави и официјално на маса на разговори на земјите членки на Унијата.

Ова не е првпат да се турка идеја за мигрантски кампови надвор од ЕУ, при што како локација се посочуваше Либија, но планот пропадна.

Со зајакнувањето на десничарските, евроскептични и антиимигрантски влади во ЕУ се појасно станува дека и се изброени деновите на заедничката политика за азил на Унијата, а австриското претседателство веќе јасно најави дека приоритет ќе му биде „заштита и зацврстување на надворешните граници“, наместо солидарност помеѓу членките и прераспределување на барателите за азил низ Унијата.

Поврзани новости