Земан: Македонија ја бранеше границата на Европа

by fokus

Чешкиот претседател Милош Земан денеска во Охрид оствари средба со неговиот македонски колега, Ѓорѓе Иванов. По средбата, Земан ја пофали Македонија за начинот на кој се справила со мигрантската криза.

-Тука сум во Македонија за да ја изразам почитта и личното признание за начинот на кој македонскиот народ се справи мигрантската криза, притоа бранејќи ја не само својата, туку и границата на Европа. Нашиот став е дека Република Македонија покажа далеку поголема одважност од некои од државите членки на ЕУ и НАТО и оттаму сакам да ја изразам потполната поддршка на Република Македонија за нејзина целосна евроатлантска интеграција, рече чешкиот претседател.

Иванов пак, ја истакна потребата од глобален и координиран ангажман и засилена соработка меѓу државите при справувањето со сите новонастанати предизвици, особено на безбедносните ризици и закани, притоа изразувајќи благодарност до претседателот Земан за целокупната поддршка што Чешката Република ја дава на Македонија во справувањето со бегалската криза – со присуството на чешки полицајци, како и со помошта во опрема за контрола на границата.

Поврзани новости