Зеленски го потврди падот на Лисичанск, но уверува дека украинската војска „ќе се врати“

by Fokus 23:45
23:45

Во своето вообичаено доцно вечерно обраќање во неделата, украинскиот претседател Владимир Зеленски всушност потврди дека украинските сили ја загубиле контролата од Лисичанск во одметнатата проруска област Луганск, но тврди дека тие се повлекле и уверува дека со тактиката на војската и ново оружје ќе ја повратат контролата над областа.

-Ако командантите на нашата војска ги повлекле луѓето од одредени точки на фронтот каде што непријателот има вооружена надмоќ, а што важи и за Лисичанск, тоа значи само едно. Дека ќе се вратиме благодарејќи на нашата тактика и забрзувањето на пратките на модерно вооружување, рече Зеленски.

Претходно во неделата на прес-конференцијата по средбата во Киев со австралискиот премиер Ентони Албанезе, Зеленски изјави дека борбите се водат во околината на Лисичанск и дека сѐ уште не е можно сигурност да се каже дека градот е под руска контрола.

Малку подоцна Генералштабот на украинската војска извести дека по тешките борби за Лисичанск, украинските единици биле принудени да се повлечат од своите позиции. Како што истакна украинската команда, продолжување на одбраната на Лисичанск би довело до „фатални последици“ поради „повеќекратната надмоќ“ на руските сили во личен состав и оружје.

Руските медиуми уште во саботата ноќта објавија дека сепаратистичките сили помогнати од руските единици целосно ја преземале контролата над Лисичанс, последниот голем град во Луганскиот регион кој беше под контрола на Киев, по падот на Северодоњецк.

Во неделата руското министерство за одбрана објави дека министерот Сергеј Шојгу го известил претседателот Владимир Путин дека проруските сили целосно ја преземале контролата над Лисичанск и неколку околни населби, како и дека целосно е „ослободена“ самопрогласената Народна Република Луганск.

Заземањето на Лисичанск на проруските и руските сили ќе им овозможи напредување кон Славјанск и Краматорск, двата преостанати поголеми градови во индустриската област Донбас кои се под контрола на украинските сили. Покрај тоа, конфигурацијата на теренот околу Лисичанск им овозможува на руските сили погодни позиции за напади врз цели кон централните региони на Украина.

Поврзани новости