Зеленски до Русите: Никој не ги зема труповите на вашите војници

by fokus

Телата на вашите војници лежат на боиштата во Украина и никој не ги зема, им порача на Русите украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

-Во жариштата на особено тешките борби, првите линии на нашата одбрана се преплавени со трупови на руски војници. И тие трупови, тие тела никој не ги зема, рече тој, повторувајќи дека 14.000 Руси биле убиени во инвазијата на неговата земја во видео порака објавена во недела рано наутро.

Тој рече дека може да разбере дека Русија има речиси бескрајни резерви на војници и воена опрема, но се прашува што мислат блиските на тие војници.

-Но, би сакал да знам што мислат граѓаните на Русија – што се случи со вас што не ги забележувате вашите загуби? Тоа се 14.000 мајки, 14.000 татковци, сопруги, деца, роднини, пријатели – а вие не забележувате?, рече Зеленски.

Не може независно да се проверат тврдењата на Украина за бројот на загинатите руски војници, ниту пак може да се избројат воените загуби на Украина, кои лидерите на земјата ги процениле на околу 1.300 војници пред околу една недела.

Москва досега потврди само околу 500 жртви меѓу своите сили.

 

Поврзани новости