Здружението на Македонците од егејскиот дел повика да се гласа „за“

by fokus

Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Т’га за југ“, што обединува повеќе здруженија, го поддржа претстојниот референдум и ги повика сите да излезат да гласаат за, како што наведува, „за подобра иднина за нас, нашите потомци и нашите идни генерации“.

– Сметаме дека со Договорот меѓу Македонија и Грција особено со членот 7 се гарантираат македонскиот идентитет преку македонскиот јазик, македонскиот народ, културата, историјата и наследството, се она што во изминативе децении грчките власти го оспоруваат со тврдење дека не постои македонски јазик, македонски народ и македонска култура – изјави за МИА Евгенија Николовска, претседател на Здружението на децата бегалци и нивните потомци „Т’га за југ“ и координатор на сите здруженија на ниво на Македонија на Македонците од егејскиот дел.

Таа наведува дека од особена важност е тоа што како идна членка на европското семејство, рамноправно ќе учествуваме и ќе обезбедиме правна меѓународна заштита за спроведување на нашите граѓански права.

– Во тој поглед од особена важност е да обезбедиме рамноправен третман во остварувањето на правата што на недемократски начин се се уште во сила во Грција. На тој начин отвораме можност нашите децениски негирани граѓански права да влезат во нормална европска процедура и да се решат согласно меѓународните правни норми. Од тие причини, поддршката на референдумот претставува историски пресврт во надминување на сите историски и националистички тенденции да се остварат неотуѓивите права прокламирани со Повелбата на ОН – вели Николовска.

Николовска е координатор на здруженијата на децата бегалци од сите здруженија во Македонија – Скопје, Штип, Радовиш Струмица, Свети Николе, Битола и Охрид.

Поврзани новости