Здравко во Кавадарци сепак не го сруши рекордот на посетеност кој го постави Цеца

by Фокус

Легендарниот Здравко Чолиќ (68) беше главната музичка ѕвезда на традиционалната општинска манифестација ,,Тиквешки гроздобер 2019” и со голем концерт на градскиот плоштад во Кавадарци го затвори настанот. Неговиот концерт започна во 22 часот и публиката се забавуваше играјќи и пеејќи ги неговите големи хитови од минатиот век, кои и денес се популарни и омилени за многу генерации.

Сепак, околу еден час по почетокот на концертот, Чолиќ само кратко порача – пауза, и се повлече зад бината. Присутните беа изненадени, дел од нив и започнаа да си одат, не знаејќи што се случува и дали концертот ќе продолжи. По петнаесет минути тишина, Здравко повторно се огласи на сцената и продолжи со настапот.

Темно синото сако го замени со црвено, па многумина претпоставија дека ја искористил паузата за да се пресоблече. За разлика од повеќето негови колеги кои за време на концерти, помеѓу песните раскажуваат интересни анегдоти и комуницираат со присутните, Чолиќ можеше да се слушне само како порачува – Ајде, супер, браво, ви благодарам…

Отпеа професионално, но сепак кога е танцувањето и енергичноста на сцената во прашање, очигледно дека годините си го направиле своето. Но, и покрај тоа, тој се труди да го задржи физичкиот изглед од пред повеќе од триесет години, сличната фризура и начин на облекување.

Тој настапи под силно обезбедување, а додека траеше концертот обезбедувањето и покрај уредната документација, на дел од екипата на „Фокус“ не и дозволи да го фотографира музичарот одблизу, со образложение дека имаат наредба дека пејачот може да биде фотографиран само од подалеку, од другата страна на заштитната ограда.

По завршувањето на концертот, публиката го врати на бис, по што отпеа две песни пред да се повлече. Сепак, и покрај многубројните обожаватели, но и пријатели од земјава кои ги има во голем број и кои се редовни во публиката за време на неговите чести гостувања кај нас, Чолиќ не успеа да го сруши минатогодишниот рекорд во посетеност, кој го постави турбо фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ.

Од општината најавија дека очекуваат бројот од околу 60.000 посетители да биде надминат годинава, но ако лани додека настапуваше Ражнатовиќ на плоштадот од почетокот на бината, па се до Домот на културата, народно кажано, не можеше да се фрли игла, годинава, додека пееше Здравко имаше доволно простор и за танцување. Официјалните бројки колку посетители имаше на настанот, се уште не се објавени.

Дали неговите чести настапи беа причина за помал интерес отколку за Цеца, или пак причината беше што Ражнатовиќ е доста популарна и кај помладите генерации кои имаше во огромен број на нејзиниот концерт? Се уште не е официјално соопштено и колкав хонорар доби пејачот за својот настап. Пред неколку години, кога беше главна музичка ѕвезда на општинската манифестација „Питијада“ во Велес, од општината открија дека неговиот хонорар со платен данок изнесувал 49.884 евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости