Збор ми е, двор ми е

by fokus

Кои бре, сваровски судии, кога по четири години на власт и довчерашните пофалби и расцутување на пупките во судството, а во отсуство на генерален реизбор, или евалуација на работата на судиите, на сите им дадовте легитимитет

Звонко ДАВИДОВИЌ

Зборот си е збор, извикуваа лидерите на новодојдената власт и нивните партиски мегафони и подлизурковци и се колнеа во цврстината и искреноста на својот збор, неговата вредност. Зборот си е збор, се колнеше додека популистички од улица, помеѓу својата свита издаваше наредби да се поправат улиците, да се изградат водоводи, тротоари, училишта, и оној што избега во Унгарија.

Сите се колнеа во својот збор, неговата искреност и цврстина, небаре меница издаваат. Зборот си е збор, се дереа од говорниците со кренати раце и стиснати тупаници, алчни за власт и полни џебови, кои на Балканот доаѓаат како додаток на функцијата и го реформираа судството, „го унапредуваа“ образованието, носеа странски инвестиции, благосостојба, отвораа работни места, ставаа бројачи за украдените пари, расчистуваа Монструми, Тврдини, Таргети… И сè на збор.

ЗБОРОВИТЕ НЕМААТ ЗНАЧЕЊЕ

По доаѓањето на власт и сместувањето на долниот дел од телото во функционерско-чиновничка фотелја, реториката преку ноќ се менува, а и зборовите немаат повеќе исто значење, впрочем, не е ист ниту паметот кога си на власт и кога не си. Од зборот си е збор, слоганот почнува да звучи и личи на – збор ми е, двор ми е, слично на онаа модерна поговорка, која слично звучи, само има полов орган на почетокот, но значењето им е исто.

Зборот си е збор ќе има коренити реформи во судството и генерален реизбор ечеше опозицијата, додека не седна на власт и почна зборот двор да им е, па почнаа да ветингуваат, проветруваат, петингуваат, застаруваат и застрануваат.

Збор ми е, двор ми е почнаа да одговараат кога ќе ги потсетеа на она збор си е збор и најчесто да се вадат на амнезија, по принципот не се сеќавам што сум кажал или со амнестија по принципот јас тебе ти мене ќе си гледаме низ прсти.

А како и да не си гледаат низ прсти кога истите им се подеднакво алчни и лепливи, како и зборовите што им се подеднакво лажливи. И монетата со која се плаќа народот не е повеќе чесност, вистина, искреност, трудољубивост, подобар живот, туку лага, подлизурковство, неспособност, послушност, пари, пари, пари и разврат, во секој поглед.

СУДСКИОТ СОВЕТ Е НЕБИТЕН

Независно судство, аха, збор ми е, двор ми е. Толку е независно колку што беше и претходно. Политичарите и функционерите раскажуваат детали од истраги што се тајни, покажуваат виновници, или некој ги прогласуваат за невини, тие ќе менуваат, разрешуваат или прочистуваат во судството. Ако не научивте досега, а очигледно не сте, затоа што сте исти како и пред петнаесет години, само Судскиот совет тоа може да го прави.

Со ваквите тврдења сами кажувате дека Судскиот совет во ваши очи е небитен и немоќен, извршната власт е „све и свја“. Тврдењето дека преку застарени предмети ќе се расчистува судството е смешно и нема ни да ја елаборирам оваа будалштина, само ќе препорачам да ги прочитаат Законот за парнична постапка, Кривичниот законик, оној за облигационите односи и за сопственоста и другите права, како и Законот за прекршоци кои токму тие истите го сменија.

Збор ми е двор ми е, е и тврдењето дека „сваровски“ судиите ги кочат реформите во судството. Кои бре, сваровски судии, кога по четири години на власт и довчерашните пофалби и расцутување на пупките во судството, а во отсуство на генерален реизбор, или евалуација на работата на судиите, на сите им дадовте легитимитет. Па, тие правораздаваат четири години од вашата власт и никој не покрена постапка за одговорност на судиите. Не е до „кочничарите“, туку до некадарноста, неспособноста, безидејноста и самобендисаноста на партиско-државните функционери одговорни за оваа област.

Државата ќе ја департизираме, институциите ќе ги ослободиме, законот за сите ќе биде еднаков, секој ќе одговара за стореното и никој нема да биде недопирлив, партиската книшка нема да биде услов за вработување, делење нотарски и извршителски лиценци, тендери, бизниси… Аха, збор ми е двор ми е.

Поврзани новости