Збогување со короната, гушкање со сиромаштијата

by Fokus

Короната ќе помине, светот и Македонија ќе останат да живеат со економските последици кои ќе бидат далеку позастрашувачки од здравствените проблеми. Додека богатите држави ќе најдат начин како да инјектираат милијарди долари во сопствените економии, сиромашните каде што сме и ние залетани на крилата на популизмот и одбрана на народот ќе бараат Робин Худовски мерки во стилот да им го земеме профитот на богатите фирми.

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИЌ

Полека, но сигурно навлегуваме во вториот месец од корона кризата и веќе се исцртуваат делумните последици во здравјето на граѓаните и здравствениот систем, но и катастрофалните последици кои целосно ја урнисуваат македонската економија. Во занесот на одбрана од короната која до денес вкупно има однесено помалку од 30 човечки животи во Македонија (и според некои проекции максималниот број на починати до крајот на јуни би бил околу 100 граѓани), ги ставивме под невиден стрес и финансиска неизвесност 2 милиона граѓани. Прашањето е до кога, и какви ќе бидат последиците од оваа ситуација?

Се разбира дека денес е исклучително тешко да се брани позицијата на полиберален пристап во справување со оваа јавно здравствена криза. Единствена европска држава која се осмели да завземе полиберален пристап е Шведска која од самиот старт на кризата ја отфрли можноста за целосно затворање на сопствената економија. Шведска својата стратегија ја базира на спремноста на населението да ги следи препораките за социјално дистанцирање, како и да ги заштити најранливите категории население, но сепак да не дозволи да згасне целосно, да успее да продолжи да функционира.

Главниот епидемиолог кој ја советува шведската здравствена агенција укажа дека најголемиот број на држави имаат превземено мерки кои се политички мотивирани и кои не се поткрепени со факти. Статистичките податоци кои до сега се појавуваат од Шведска укажуваат на тоа дека и покрај тоа што нивното општество не е блокирано, нема драстично влошување на состојбите во споредба со нивните соседи кои се под целосна блокада. Сепак, ќе треба да поминат месеци додека се увиди правата вистина за тоа кој бил во право, дали Шведска со нивниот полиберален пристап, или сите останати?

За разлика од полибералниот пристап во справувањето со корона епидемијата, неспоредливо поедноставна и крајно популистичка опција за секоја влада е изборот на тоталитаристички и апсолутистички пристап, на целосно затворање, контрола и воведување на ригорозни превентнивни мерки (пример: апсурдните државни карантини). Целосната блокада е највидлива мерка која секој поединец во државите ја чувствува лично. Со тоа државите поточно политичарите ги уверуваат сопствените граѓани дека еве нешто се прави. Овој апсолутистички пристап од кинеско потекло е исклучително тешко и опасно да се критикува, зошто аргументот од другата страна е спасуваме човечки животи. За да одбраната на полибералниот пристап во справувањето со корона вирусот биде уште потешка, успехот за намалената смртност и број на новозаразени од иницијалните проекции секогаш ќе бидат препишани на воведените превентивни мерки, иако тоа не мора да биде така. Со други зборови, политичарите ќе тврдат дека иако иницијалните проекци за смртноста беа повисоки отколку што се случува во реалноста тоа е токму поради превентивните мерки кои ги воведовме. Така на пример пред една недела доктор Антони Фаучи водечкиот инфектолог во САД, и клучен човек во тимот на претседателот Трамп за борба против корона вирусот изјави дека во САД се очекуваат милиони заразени и од 100-240.000 починати.

Овие фрапантни податоци така ноншалантно изјавени шокираа и уплашија многумина. Веќе денес, тие проекции драстично се намалени и очекуваната смртност е многу пониска отколку што беше иницијално изјавено. Се прашувам кој и дали некој ќе сноси одговорност за вакво заведување и заплашување на јавноста? Слични изјави имаше и гувернерот на Њу Јорк, г-ин Куомо кој не се симнува од СНН веќе со недели. Држи дневни прес конференции во име на одбрана и заштита на Њујорчаните. Ако пред една недела проекциите за смртност беа екстремно високи, и се бараа илјадници вентилатори денес веќе проекциите се намалени.

Популизмот на превентивните јавно здравствени мерки е рај за политичарите насекаде во светот. Се разбира кога станува збор за човечки живот сите сме лично засегнати. Но колку всушност животи ќе спасиме со овие мерки? Многу потешко прашање и на кое наскоро ќе требаат сите овие држави вклучително и Светската Здравствена Организација да одговорат ќе биде колку всушност животи загрозивме со воведување на овие мерки? Колку ја зголемивме сиромаштијата во светот со воведувањето на овие мерки? Колку животи ќе се загубат токму поради ново настанатата сиромаштија, нарушено ментално здравје, меѓучовечки односи, самоубиства, убиства, семејно насилство и којзнае што се уште не.

Короната ќе помине, светот и Македонија ќе останат да живеат со економските последици кои ќе бидат далеку позастрашувачки од здравствените проблеми. Додека богатите држави ќе најдат начин како да инјектираат милијарди долари во сопствените економии, сиромашните каде што сме и ние залетани на крилата на популизмот и одбрана на народот ќе бараат Робин Худовски мерки во стилот да им го земеме профитот на богатите фирми. Како да не сфаќаат дека токму тие фирми им се двигатели на економиите и ако успеат да ги уништат и заплашат, само ќе ги инспирираат да го пренасочат и тој мал капитал кој го имаме дома во други посигурни региони за инвестиции. Се повеќе се плашам дека кога ќе дојде денот да се збогуваме со короната, ќе треба да ја гушнеме сиромаштијата.

 

 

Поврзани новости