Пред две години љубовната приказна помеѓу граничниот полицаец Боби Додевски од Куманово и мигрантката Нора од Ирак го разнежи целиот регион.
Сториите во кои се славеше искрената љубов, кај народот разбудија многу емоции. Новинарски текстови и интервјуа во кои се раскажуваше за тоа дека љубовта секогаш победува, и како Нора ја сменила религијата во име на таа љубов, и покрај противењето на нејзините родители, ги полнеа страниците кај нас, но и во соседството.
На социјалните мрежи пристигаа пораки со поддршка за храбриот пар од сите страни на светот. За Боби и Нора (чие вистинско име е Нура) се пишуваше многу. Медиуми од целиот регион се интересираа за нив, за тоа како се запознале, како се вљубиле, како се справиле со сите предизвици, со оглед на тоа што потекнуваат од две сосема различни средини и култури.
Како што раскажуваше младата Нора, Ирак го напуштила со семејството бидејќи ИСИС го зел нејзиниот татко и морале да платат многу пари за да биде ослободен. Исплашени од состојбата во нивната земја, тие се упатиле кон Германија. Но, судбината вмешала прсти и Нора не успеа да стигне до саканата дестинација со нејзиното семејство. Во транзитниот центар Табановце го запознала Боби, во кого за кратко време се вљубила.
Семејството на Нора продолжило кон Германија, а таа и покрај нивното противење остана во Куманово. Набргу потоа се случи и свадбената веселба, која ја пренесоа многу новинарски екипи. Се објавуваа видеа од свадбата и се ширеше пораката дека љубовта не познава граници. И кога лани, во месец јуни на Нора и Боби им се роди син, наместо очекуваната среќна приказна, по сите надминати предизвици, популарниот пар чија љубовна приказна се прераскажуваше во регионот, решил да се раздели.
Нема одговори дали причината за разделбата беа различностите, стресот поради лошата здравствена состојба на новороденчето, или пак нешто сосема трето. Нора привремено се сместила во транзитниот центар Табановце, по што започнала процедура за враќање назад, во Ирак кај блиски роднини. Неофицијално, нејзини пријатели ни изјавија дека сепак, притисокот им бил преголем и како жалат што нивната приказна не завршува со зборовите – Си живееја заедно среќно до крајот на животот…
Пред заминувањето, Нора за јавноста изјави дека причината поради која се враќа во Ирак е што состојбата таму сега била побезбедна, и таа сакала да им помага на беглаците во нејзината земја.
-Kако волонтер во Црвен Крст им помогнав на многу бегалци овде порано, а исто така волонтирав и во други организации овде на терен. Но има многу бегалци и во Ирак и верувам дека ќе сум повеќе потребна таму. Течно зборувам 4 јазици и имам средно познавање на уште 3 други јазици. Јас сум Курдка, па тоа што сум една од малкуте луѓе со јазична комбинација на англиски и курдски е доста корисно. Луѓето овде се многу љубезни со мене и Македонците и Албанците. Искрено, никогаш не направија да се чувствувам како бегалка. Навистина не се чувствував како бегалка во Македонија. Кога бевме на терен со другите хуманитарни работници кои беа Сиријци, Македонци, Албанци – се чувствував како да сме сите дел од едно големо семејство кое се обидува да помогне на други луѓе. Но, сега е време да се вратам во мојот регион. Мојата порака кон сите луѓе би била да не се суди книгата според кориците. Бегалците бегаат од своите земји поради војните, поради ИСИС, не по сопствен избор. Ние, луѓето, мора да си помагаме еден на друг. Луѓе сме. Мора да престанеме да размислуваме за религии, боја на кожа или земјата на човекот на кој се обидуваме да му помогнеме, бидејќи сите сме луѓе – напиша неодамна Нора во колумна, која што е дел од приказните собрани од активисти на Легис.
Ниту Боби, кој е познат во јавноста и по својата улога во хумористичната емисија ,,Нема љутиш’’ не сакаше многу да коментира за крајот на љубовната приказна со Нора. Додевски, кој има два брака зад себе и три деца од тие бракови, само кратко ни потврди дека не се повеќе заедно.
-Со Нора не сме заедно веќе една година. Таа се врати во Ирак. Толку, само причините и останатото остануваат така како што се – ни изјави.
На прашањето дали и нивниот син е со Нора, во Ирак, ни одговори дека не е, и замоли да не се пишуваат повеќе детали на темава.
Во времето на нивната голема љубов, за странски медиуми тој изјави дека кога прв пат ја здогледал Нора видел нешто добро во нејзините очи. Таа раскажуваше за разочарувањето на родителите, бидејќи избрала човек кој што не е муслиман, и како покрај се, верувала дека крај себе има добар човек со кого ќе го помине животот.
Вики Клинчарова