Зависник натепал медицинска сестра во болницата во Кавадарци, медицинари реагираат: И така сме отепани од сите страни, зарем и нас ќе не тепате?

by Fokus

Медицинска сестра во тек на вчерашниот ден се здобила со лесни телесни повреди, откако физички била нападната на работното место, во Центарот за зависници во болницата во Кавадарци. Настанот се случил во осум часот наутро, кога О.С. (43) дошол во просториите на центарот да ја прими дневната пропишана метадонска терапија.

Истиот инсистирал медицинската сестра да му ја даде однапред терапијата за цела недела, па откако му било кажано дека нема да може, бидејќи му следува само дневна терапија, тој ја нападнал сестрата. Случајот е пријавен во полиција, а портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски ни изјави дека се работи на негово расчистување.

Изминатиот период во земјава се случија неколку физички напади врз медицински лица од страна на пациенти или нивни роднини. Утрово околу 02:00 часот група на пијани лица ги нападнале болничките служби и полицијата, која била повикани на помош, во поранешна Градска болница во Скопје.

Во Тетово пак, пред шест дена беше претепан доктор, но и во Драчево беше нападната медицинска сестра. Лекарската комора тогаш излезе со став дека има разбирање за проблемите на пациентите и нивните блиски, и јасно посочи дека осудува било какво насилство врз здравствените работници.

Апелираа насилството во здравството сериозно да биде сфатено од страна на управителите на здравствените установи и порачаа дека со помош на полицијата и правниот систем мора ефикасно да се справат со сите облици на насилство на национално ниво.

На социјалните мрежи голем број на здравствени работници реагираат поради зачестените физички напади со објавата – Аман бре луѓе, наваливте да тепате медицинари, па ние и така сме отепани од сите страни, зарем нас ќе не тепате?

Поврзани новости