Затишје пред бура

by fokus

Изборната кампања завршува вечерва, а од полноќ, стартува изборниот молк. Политичките партии ги одржаа завршните митинзи, а од утре почнува молкот за да им се остави на гласачите простор да размислат и да донесат одлука за кого ќе го дадат гласот на 11 декември.

„Ефективната тишина”, значи дека нема политичко рекламирање на: телевизија, радио, весници за да им овозможи на гласачите одреден период (24 часа или повеќе) за самите, без сугестии од страна, да размислат за понудените политички опции и да се одлучат за една од нив.

Политичките партии кои учествуваат во изборната трка за предвремените парламентарни избори денеска го трчаа последниот круг во изборното претставување. На завршните митинзи тие ги повторија своите програми и ги повикаа граѓаните да гласаат за нив.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Арачиново најави сигурна победа на 11 декември и порача дека граѓаните на Македонија ќе испишат нова историја. Тој му испрати порака на Никола Груевски, велејќи дека федерализација нема да има, но дека ќе има конфискација преку која ќе ги вратат украдените пари кај граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пак, испрати порака до македонската јавност, за да предупреди дека “мрачни структури прават последни обиди за закрвување на народот” и им порача да не подлегнуваат на провокации.

Предвремените парламентарни избори кои произлегоа од Пржинскиот договор, домашната, но и надворешната експертска јавност, ги опиша како „историски” и  ги повика сите граѓани да излезат и да го дадат својот глас за судбината на идната влада.  Во недела, гласачките места треба да бидат отворени точно во седум часот, а гласањето  трае непрекинато до 19 часот.

Поврзани новости