Зарем сите ќе нѐ носат на свирење клавир во Шутка?

by Фокус 13:53
13:53

Текстот е објавен на осми јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 836

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

- Advertisements -

Веќе се гледа дека Владетелот непречено ќе си го продолжи векот на своето владеење и ќе си ја изгради без проблем хиерархијата на власта со коалицискиот партнер до третиот ешалон од државната власт, наспроти очекувањата дека таму ќе имало проблем. Ќе биде добар и исполнителен пастир само за половината од трлото наречено Македонија. А ние, луѓето кои сме гласните жици на другата половина од народот, ќе треба да си ги наштимаме струните на единствениот инструмент што ни преостана – слободата на говорот, во тоналитет кој нема да нѐ одведе во филхармонијата и операта во „Шутка“ за да свириме клавир!

Доаѓа времето на интелектуалната самоцензура, која ќе нѐ натера самите да си се откажеме од најголемата придобивка на едно демократско општество, од уставно загарантираното право во членот 16 од Уставот на РМ, со кое на граѓанинот му се гарантира слободата на говорот, јавниот настап и јавното информирање. Ако слободата на говорот не беше најважната демократска придобивка на цивилизираниот свет, тогаш таа немаше да биде начело со највисок приоритет во американскиот устав.

Инаку, слободата на говорот е првиот амандман во американскиот устав. Зашто ли сметале креаторите на оваа најсолидна демократија во светот, дека слободата на говорот, а со тоа и можноста за критикување на власта, се една од најголемите придобивки за човековите права и слободи. Во овој амандман се укажува дека во американското законодавство не смее да се донесе никаков закон со кој ќе се ограничи слободата на гласно изговорената мисла!

ХРАБРОСТА Е ЗАРАЗНА БОЛЕШТИНА?

По изборите, поточно после театрално-оперски обоеното либрето за апсењето на братот Љубе, кај нас во воздухот почна да надвиснува облакот од тегобното чувство, дека ПОСТЕПЕНО И ВО ТЕЖОК ЗДИВ ОДУМИРА СЛОБОДАТА НА ГОВОРОТ!

Почнав секојдневно да сретнувам луѓе, кои со радост ме пресретнуваат за да ми кажат дека со нетрпение чекаат да ја прочитаат мојата наредна колумна. Но, поголемиот број од нив после пофалбата (ДОБРАТА ВЕСТ) и кревањето на мојата земска суета, која инаку не е воопшто имуна на придобивките што ги носи со себе колумнистичката слава, од очите им читам дека имаат да ми соопштат уште нешто – ЛОШАТА ВЕСТ. На мое инсистирање, кажуваат дека се плашат за мене и за моите три деца, да не ни се случи нешто поради моето „прекумерно отворено“ критикување на власта на Грујо!

Јас на тие мрачни прогнози на стравување им одговарам дека НЕМА ШАНСИ, бидејќи јас не сум правно лице и немам капитал за рекетирање. Но, тие со насмевка почнуваат да ги редат можностите за тоа, како може да му се уништи животот на еден универзитетски професор и на целото негово семејство.

Дека можеле да ми подметнат евра во бирото на факултет и да инсценираат дека сум примила мито, па да ме уапсат театрално пред студентите во амфитеатар и да ми изречат мерка од шестмесечен притвор. Јас на нивниве сценарија почнувам кисело да се смешкам и да пробувам да им објаснам дека НИШТО НЕ МИ МОЖАТ, бидејќи, за да ме осудат, на чесниот судија треба да му докажат дека јас сум била во непосреден физички контакт со парите, што е спротивно на фактите. Една пријателка, инаку позната адвокатка, на тоа одговара: МА КАКОВ СУДИЈА, КАЈ НАС ВЕЌЕ НЕМА СУДСТВО!!!

„Припази се Мимоза, во колата може да ти подметнат дрога. Ќе поминеш година дена Голгота додека докажеш невиност!“

„Чувај се Мимоза“ – ми велат други загрижени.

„Ќе најдат некој студент, кој на суд ќе посведочи дека си го злоупотребувала сексуално за да помине на испит“ – ми укажуваат со сатирично ем преурането сожалување!

„Ха, ха, ха“ – им одговарам јас.

Аман бре народе, па како да се чувам? Да не пишувам повеќе? Или, да пишувам фалбоспеви и невистини за честитоста, стручноста и компетентноста на оваа „прекрасна“ власт што однесе во депресија половина и повеќе од народот, а на другана половина и фрли ситна боранија за ужинка? Да се лишам од мојата доброќудна зависност од пишувањето слободно, слободоумно и вистинољубиво? Да станам некој друг? ЖАЛАМ, НО ЈАС ТОА НЕ ГО МОЖАМ! Башка, и не сум сама, бидејќи има и други – уредници, новинари, блогери и професори колумнисти кои се отворени и жестоки критикувачи на власта. Зарем сите ќе не носат на свирење клавир во Шутка? Ма нема да престанам, СМРТ ИЛИ СЛОБОДА НА ГОВОРОТ!!! Тука мислам на моја смрт, а не на говорот. Поарно да умрам, отколку да им дозволам да ми стават понижувачки селотејп на устата!

„НЕ МИ СЕ ВЕРУВА, ШТО МИ КАЖУВАТЕ“ – завршувам јас триумфално, надевајќи се дека храброста е заразна болештина. Но, истовремено ми текнува дека и смртоносна е со повисока инциденција кај будалите идеалисти, отколку кај оние што седат мадро за да не носат модро!

ЦАРОТ НЕ Е СВЕСЕН ЗА СОПСТВЕНАТА ГОЛОТИЈА

Ако слободните медиуми мачно исчезнуваат од медиумската сцена, а слободните умови со подолги јазици трпат застрашување од темелна лингвална кастрација и повеќе никој не се осмелува гласно да кажува дека ЦАРОТ Е ГОЛ, тогаш претстои опасноста од несвесноста за сопствената ГОЛОТИЈА да го одроди владетелот од народот, и тој да застрани од граѓанските и демократските концепции (ако ова веќе не го сторил). Поради тоа, во демократските општества се негува постоењето на слободното новинарство и отворениот јавен критицизам на слободните интелектуалци, она истото кое систематски кај нас се задушува и закопува, оставајќи долготрајни последици за историјата на овој народ.

Впрочем, за таа цел, уште во 15-ти век во Рим била востановена церемонија со која се намалува опасноста од вродувањето на опасно самољубие кај новоизбраниот папа во Ватикан, причинето од фалбите на кардиналите кои се „гребеле“ за подобра позиција во папскиот совет. Многумина не се осмелувале да му укажат на Папата за евентуалните грешки во владеењето со Светата столица во Рим, па смислиле механизам за тоа, барем некако да го потсетат дека не е идеален и дека треба да си воспостави мудра самоконтрола.

Така, за време на неговото церемонијално преместување во базиликата Св. Петар, кон папскиот престол, процесијата застанувала три пати. При секое застанување, церемонијал-мајсторот со сребреното кандило в раце, ќе му паднел пред нозе на папата, па на сиот глас и со жалосен тон ќе му објавел: „Sic transit gloria mundi“ . Овие зборови му ги изговарал во знак на потсетување на минливата природа на земските почести, т.е. дека светската слава брзо си поминува. Се мислело дека овие магични зборови поттикнувале на самопреиспитување, самокритика и самоконтрола во владеењето.

Во општествата со помлада традиција, но сепак цврста и стабилна државна стратегија, какво што е американското, улогата на церемонијал-мајсторот е заменета со жената-брачниот партнер. Имено, претседателите во Америка внимателно се бираат да имаат жена-сопружничка, која е образована, силно еманципирана и рамноправна (дури и благо доминантна) во заедницата, за да може на претседателот вечерта кога ќе ја споделат претседателската постела, да му шепне на увце:

„Не ми се занесувај, најмил Барак, дека си најмоќен. Има и подобри и поубави и посилни од тебе. Види го, на пример, оној Медведев или оној Путин, каков е згоден, паметен и моќен! Затоа, стави под итно кондом, и разбери се еднаш за секогаш дека нема да ти раѓам трето дете, иако Грујо од Македонија инсистира на тоа!“

А овој, претседателов, иако цел ден во овалниот кабинетот во занес слушал само пофалби за сопственото битие, сега, после вечерата почнува да и се заканува со развод и да се жести, но набргу вртоглаво се приземјува. И утредента се повторува целиот циклус на баланс: лансирањето на неговото его до ѕвездите и приземјување на неговото его на тлото на Земјата. Згора на тоа, во државата постои ЦИА, па масонеријата и учителот од највисокиот степен, кој на претседателот на најмоќната држава во светот ќе му предочи каде грешел и како да се коригира. Сепак, круцијална е улогата на слободните медиуми (или медиумите потпомогнати од опозицијата), кои немилосрдно ќе ја откријат секоја грешка и секоја неморална приказна за владетелот, ќе ја документираат и ќе го натераат – или да си даде оставка, или да се извини, или ќе го натера Конгресот да побара од него инпичмент!

ЖЕНИЧКИТЕ СИ КРКААТ И СИ МОЛЧАТ

Е, кај нас таквиот одбранбен механизам против ИЗРОДУВАЊЕ НА МАЛИГНА СУЕТА кај припадниците на државниот врв не постои поради сплетот на околности од кои во медиумскиот простор се збришаа слободните медиуми кои беа критички настроени кон власта. Слободоумните интелектуалци се троа уморни од стравот на најблиските, ДЕКА НЕШТО ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ, па стануваат понежни и помалку отровни.

Кај нас изостанува улогата на силната еманципирана жена -сопруга, која во постелата ќе биде огледало за владетеловата реална ограничена и приземна моќ. Наместо да му го урамнотежи егото, нашава заспива во страв дека владетелот ќе и го уништи животот, доколку се дрзне нешто лошо да му каже в лице или ако некому се поплаче. Штета што не се угледаат на најдоблесната од сите сопружнички на владетелите на Република Македонија, Баба Нада, која лично дојде кај уредникот на магазинот „Денес“ за да ја обелодени љубовната афера на својот сопруг – претседателот Киро Глигоров. Ваква друга демонстрација на женската еманципација, после баба Нада Глигорова – немало!

Денешниве женички си го кркаат и си молчат, иако имаат многу што да обелоденат. Во недостиг на контрабаланс, нашиот владетел навечер си легнува и кротко си заспива во едниот тас на сопствената искривена терезија за самокритика, а соништата ги минува со ловоров венец на главата. Сонува за денот кога на бел коњ ќе помине под триумфалната арка, а плебсот на него ќе фрла латици од црвени рози и во восхит ќе извикува – АВЕ ЦЕЗАРЕ, додека Бранко Црвенковски ѕирка од кај грмушките на Жена Парк, позеленет од злоба и пакост!

Си мислам, во новонастаниве услови на недостиг од слободни медиуми, а воедно и за слободно јавно критикување и урамнотежување на нарцисоидните неурамнотежени состојби на владетелите на Република Македонија, тогаш, за доброто на овој народ, уредно да си регистрираме една соросоидна невладина организација – ПОСЛЕДНА ШАНСА, што ќе собере приврзаници кои секојднево ќе стојат на Илинденска ББ. Ќе се наредиме и ќе чекаме, ако треба и до пладне, за да стане владетелот од постела и да дојде на работа, само да не слушне кога на сиот глас, со призвук на достоинствена тага, ќе се издереме по 3 пати: ВЛАДЕТЕЛЕ, Sic transit gloria mundi! А нему на увце ќе му преведува неговиот личен официјален преведувач од латински јазик, а може и лично Дедото Стефан!

Член 16 од Уставот на РМ
ЦЕНЗУРАТА Е ЗАБРАНЕТА!

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.

Поврзани новости