Заразен газда на конфекција наместо да седи во изолација се сонча во Грција

by fokus

Газда на конфекција, заразен со корона вирусот, наместо да седи во изолација, заедно со неговиот малолетен син кој исто така бил позитивен на Ковид-19, заминале на одмор. За овој случај неделникот „Фокус“ пишуваше во последниот број, а сега приказната доби продолжение бидејќи дознавме дека заразените газда и син се сончале на плажите во Грција и се уште не се вратени во Македонија.

Приказната почнува на18 јули, кога стигнале позитивни резултати за таткото и синот.

-На ден 18 јули  до ДСЗИ од страна на ЈЗУ ИЈЗ добиена е листа на лабораториски потврдени случаи на ковид 19, меѓу кои и лицата за кои прашувате, А.Ј. и неговиот син, ни изјавија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Веднаш биле направени обиди да им се достават решенијата со мерка лекување и изолација во домашни услови од 14 дена од денот на тестирањето и се до добивање на два последователни негативни резултати, но обидите биле безуспешни. Никој не ја примал поштата на домашна адреса, ниту одговарале на вибер.

Веќе следниот ден на домашна адреса на заразените татко и син се упатила и полициска екипа, за да проверат дали го почитува решението, но наишле на затворена врата. Истото се случило и следниот ден.

Било констатирано  дека А.Ј. и неговиот син, двајцата од Кочани не го почитувале Решението од 18.07.2020 година за здравствен надзор и домашна изолација, односно тие не биле во својот дом за време на извршените контроли, ни изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

Таа додаде дека против лицата ќе бидe поднесенa кривичнa пријавa за кривично дело  „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ по член 206 став 1 од  Кривичниот Законик.

Бидејќи поминаа повеќе од две недели, прашавме во МВР дали таткото и синот во изминатите денови влегле во државата на некој од граничните премини и што ќе биде превземено?

Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека лицата за кои прашуваме не се вратени дома и се во Грција.

-Ве известуваме дека при вршење контрола на лица во самоизолација, од извршените проверки на 05.08.2020 година од страна на полициски службеници од Полициска станица Кочани било констатирано дека  А.Ј. (46)  и  неговиот 17-годишен син, двајцата од Кочани, не го почитувале Решението од 18.07.2020 година за здравствен надзор и домашна изолација, односно не биле пронајдени во својот дом, туку се наоѓаат во Република Грција. Се работи на документирање на случајот, по што против лицата ќе биде поднесена кривична пријава за ,,непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ по член 206 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, ни одговорија од МВР.

Останува неизвесно дали таткото и синот се уште се позитивни на Ковид-19 и дали ќе бидат ставени во карантин штом ќе стапнат на македонска територија.

Валентина Вурмо

Поврзани новости