Започна туристичката сезона во Дојран: Плажите модернизирани, рестораните полни!

by fokus 15:00
15:00

Со затоплувањето на времето Дојран започна да се полни со посетители. Она кое ги дочека првите гости сезонава се плажите кои се помодернизирани од минатото, со лежалки, чадори и песок, и барови кои нудат ладни пијалоци и храна за оние кои решиле да го минат денот покрај езерото.

Цените се пристапни, а за лежалка не се плаќа, единствен услов за користење е да се порача храна или пијалок. За 150 денари добивате на користење лежалка, ладно кафе, флаширана вода и безалкохолен пијалок.

Водата во езерото е веќе топла, па ги намами и првите капачи, но сепак најголемата гужва е во угостителските локали.
Во познатите дојрански ресторани кои работат со децении наназад и се дел од традицијата на градот, се чека за слободна маса.

Според угостителите, најмногу се бараат чорбите од риба или икра, кременадлите од крап, крап во тепсија, печен крап, а во последно време се попопуларен е и чипсот од крап.
Во споредба со минатата година, цените не се многу променети.
Салатите се движат од 150 до 250 денари, порција крап е околу 300 денари, пастрмката е околу 500 денари, во зависност од локалот.

На шеталиштето повторно се актуелни киосците на кои се продаваат свежо приготвени десерти, како локумадес, крофни, разни видови на сладолед…

Доколку решите да преноќите во Дојран, цените за едно ноќевање во апартман се слични на оние во Охрид. Од околу 2.000 денари за поскромните апартмани, па се до цени и од над 4.000 денари за ноќевање за двајца е понудата во познатите сместувачки капацитети.

Освен за викендите, најмногу посетители се очекуваат и за време на одржувањето на популарниот Д-Фестивал, кој годинава ќе се одржи од први до трети јули, а најавени се десетици популарни изведувачи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости