Започна судењето против 17-годишната девојка осомничена за убиство на 16-годишно момче од тетовско

by Fokus

Во тетовскиот суд денеска започна судењето на малолетната 17-годишна девојка која е обвинета дека во декември 2022 година го убила својот 16-годишен пријател, јавува „СДК.мк“.
Убиството се случи во месноста „Бањиче“, во горниот тек на реката Пена.

„Главната расправа е завршена и дополнително ќе биде изречена пресудата. Осомниченото женско лице се товари за убиство“, информираа од Основниот суд Тетово.

Адвокатот Ибраим Бајрами кој учествуваше во процесот како бранител на осомничена по завршување на рочиштето пред новинарите истакна дека судот одлучил пред јавноста да не се изнесуваат детали од судењето.

„По наредба на судот за кривичните предмети кои што се водат против малолетници, каде што жртви се малолетници не се дозволени изнесување на било какви околности за настанот на кривичните постапки. Поради тоа сметам дека оваа одредба од членот 99 од Закон за права на деца треба и вие да го анализирате и согласно тоа да вршите известувања и да побарате посебна дозвола од судот, судијата за деца, кој што одлучува кој дел од постапките е возможно да бидат предмет на јавен интерес“, изјави Бајрами.

Убиството се случи во декември 2022 година.

На 22 декември полицијата информираше дека безживотното тело на момчето е пронајдено во реката Пена во близина на месноста „Бањиче“.

По извршениот увид било констатирано дека не се работи за несреќен случај, туку убиство, по што Обвинителството покрена постапка поради сомнение за сторено убиство за кое е обвинета 17-годишна девојка од село Рогле.

Поврзани новости