Започна судењето на Марјан Доказ

by fokus

Денеска започна судењето против сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски. Пред три дена стартот беше одложен поради барањето на одбраната за изземање на скопското обвинителство од постапување по предметот.

Адвокатите побараа изземање на сите обвинители од скопско бидејќи може да се јават како оштетени во постапката, односно бараат да постапува обвинителство од внатрешноста. Сепак, Вишото јавно обвинителство го одби барањето на одбраната , па скопското обвинителство останува да го застапува обвинението против Стаменковски.

По барање на обвинителката Зорица Павловиќ и со одлука на судијката Марија Клетничка, јавноста беше исклучена од почетокот до крајот на главната расправа, бидејќи на неа ќе се изнесуваат лични детали од животот на оштетените.

Денеска меѓу оштетените сведоци се и двете новинарки на „Фокус“ – Валентина Вурмо и Ирена Мулачка.

Стаменковски е обвинет за неколку кривични дела: две дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Тој беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Поврзани новости