Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија водеа разговори за релаксирање на тензичната атмосфера на Косово. Генералниот заклучок од ЕУ е Косово да одржи нови избори, со учество на Србите во нив и формирање Заедница на српски општини.

Според првата точка, потребно итно толкување на основниот договор меѓу Косово и Србија, потпишан во Охрид. Втората точка предвидува повлекување на косовските специјалци. Во точката три стои дека безбедноста во општините на северот на Косово е доверена на косовската полиција, со помош на КФОР и ЕУЛЕКС.

Четвртата точка предвидува прекин на сите протести и враќање на нормалниот живот. Особено значајна е точката 5, според која во средината на јули градоначалниците треба да дадат оставки, а претседателката Вјоса Османи да побара нови избори, за што Османи дала начелна согласност.

Во меѓувреме претседателот на парламентарната комисија за Косово оцени дека Белград нема да отстапи од ЗСО.

-Она што е најважно е дека Шолц и Макрон рекоа дека Заедницата на Српски Општини мора неодложно да се формира и тоа треба да се испреговара. Жозеп Борел треба да го закаже продолжението на тој технички дијалог, главните преговарачи да може да расзговараат за ЗСО. Што се однесува до нас, не е прифатлива верзијата од почеток да се преговара за ЗСО според визијата на Курти, туку мора да биде согласно Бриселскиот договор – рече Милован Дрецун, претседател на парламентарна комисија за Косово.

Претходно, косовскиот премиер Албин Курти ги обвини српските власти за тензичната атмосфера на северот на Косово и објасни дека верува во трајно пријателство со Западот.