Занаетчиите ќе ги поддржиме со 15 милиони денари, најави Бектеши

by fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на состанок со претставници од Секцијата на фризери при Занаетчиската комора на Скопје ги претставил мерките за поддршка на занаетчиите и самостојните вршители на дејност преку Министерството за економија, како и финансиската поддршка од четвртиот сет на мерки кои што ги донесе Владата.

–По донесувањето на ребалансот на Буџетот, Министерството за економија од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво (КИП) ќе објави Јавен повик за кофинансирање на трошоци за занаетчии при што се предвидува надоместување на 60 проценти од трошоците или максимум 30.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали по апликант. За оваа намена од Буџетот на Министерството за економија се предвидени 15 милиони денари, информираше министерот Бектеши.

Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши најавил и дека од 1 јануари следната година ДДВ на занаетчиски услуги ќе се намали од 18 проценти на 5 проценти, а предлогот веќе е доставен до Собранието.

На занаетчиите и на самостојните вршители на дејности, како што посочи министерот и натаму им остануваат на располагање и другите мерки, како што е поддршката за исплата на платите или пристапот до бескаматните кредити од Развојната банка на Северна Македонија.

Поврзани новости