Замрзнати цевки оставија цели реони без вода

by fokus

Кавадарци, Неготино, села во тиквешијата, Крива Паланка, Пробиштип, Злетово, но и неколку реони во Скопје, деновиве се соочуваат со проблем со водоснабдувањето.

Откако земјата ја зафати ладниот бран, илјадници граѓани останаа без вода за пиење. Според ЈП Комуналец од Кавадарци, проблемот бил во замрзнувањето на хидро опремата на изворот ,,Лукар’’ и нивни екипи со денови работеле на терен.

Иако водата протече во повеќе делови во тиквешијата, се уште се присутни ноќните рестрикции, а во неколку околни села се жалат дека и во текот на денот се оставени без вода, најверојатно поради тоа што замрзнуваат делови на цевките кои што се наоѓаат на отворено. Голем е и бројот на водомери кои што замрзнале, а надлежните апелираат истите да бидат пријавени во локалните служби.

Според Александар Панов, градоначалникот на Кавадарци, енормната потрошувачка на вода, поради некои жители кои што ги оставиле чешмите да течат во текот на ноќта, како превенција од замрзнување, била една од причините цели реони да останат без вода за пиење.

Револтирани жители на Злетово ја контактираа нашата редакција, тврдејќи дека веќе осум дена се без вода, и апелираа да се најде решение за нивниот проблем во најкраток можен рок, бидејќи не можат нормално да функционираат.

Тони Тоневски, градоначалникот на Пробиштип вели дека се работи на решавање на проблемот, но поради ниските температури целиот процес е мачен и долготраен.

,,Детално сум упатен во состојбата со водоснабдувањето, станува збор за неколку куќи во Злетово кои што веќе со денови се без вода, бидејќи замрзнаа цевките кои што поминуваат под мост. Бев и на самото место, температурата таму е 20 степени под нулата, не може да работи ниту багер. Бараме алтернативно решение, знам дека луѓето се револтирани, и не можам да кажам точно кога, но се надеваме дека во скоро време ќе протече вода низ нивните чешми. Ги замолувам за разбирање и трпение’’ – ни изјави Тоневски во телефонски разговор.

Вики Клинчарова

Поврзани новости