Замина од Македонија како успешен модел, се враќа како надежен писател: Илија Илов промовира книга

by fokus 21:55
21:55

Ако пред десеттина години беше младо момче кое штотуку заплови во модните води и веднаш го привлече вниманието на модните дизјанери и на јавноста, денес Илија Илов е зрел маж, семеен човек, кој по неколку години поминати во Америка се враќа во родната земја, каде ќе ја промовира својата прва книга ,,Пластични раскази’’.

Своевремено еден од најбараните модели кај нас, главен актер во многу спотови на музички ѕвезди од земјава и регионот, момчето кое го глумеше Тоше Проески во спотот за песната ,,Све је ово премало за крај’’ овој пат е актуелен во јавноста како надежен писател, чија зборка раскази веќе добива позитивни критики.

- Advertisements -

-Станува збор за извонредно талентиран и контроверзен автор. Иако неговите раскази се насловени како „пластични“ во нив има сè, само нема пластика. Има во нив многу душа, но и многу крв и месо, и други телесни екскременти. И затоа се неговите раскази контроверзни – од една страна говорат за страдањата на телото (и тоа често на брутален, веристичко-натуралистички начин), но во позадината на тие бесмислени, апсурдни, а ужасни телесни страдања стои – страдањето на душата, вели во својата рецензија писателот и професор Венко Андоновски.

Книжевното дело на Илија ќе биде промовирано на 27 – ми август во 21 часот, во кафулето Ла Кања во Скопје.

Илов по потекло е од Неготино. Додека активно се занимаваше со моделство оствари соработка со повеќе познати брендови од странство и освои многу титули на реномирани натпревари, а модните критичари му прогнозираа успешна интернационална кариера. Пред неколку години замина во Америка, оставајќи ја богатата манекенска кариера зад себе. Пред две години се сврши со Елена, со која ја имаат ќеркичката Лана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости