За одредени прашања има приближувања, за други сѐ уште се преговара, направени се чекори, а позитивно е тоа што има политичка волја, вели заменик министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис, во интервју за грчкото радио „Realfm“, јави дописничката на МИА од Атина.
-Постојат прашања за кои има доближување, дури и договор, а постојат и прашања за кои се разговара. Затоа, во овој период ќе се направи оценка на преговорите што ги водеше министерот за надворешни работи Коѕијас и ќе имаме следна средба на 30 март во Виена со присуство на Нимиц. Постојат точки во кои постои многу добро доближување и точки за кои сѐ уште се разговара и се во преговори. Направени се чекори, постои политичка волја и од другата страна и покрај тешкотиите што постојат и во ПЈРМ, за преговорите да одат напред и ова е позитивно, вели заменикот на Коѕијас за грчкото радио, потенцирајќи дека нема да открие за кои точки се приближени позициите, а за кои се преговара.