Законот за попис ќе се гласа следнава недела, опозицијата собира потписи да го поништи

by fokus

Собранието завчера по три дена ја заврши расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, согласно кој по 19 години земјава годинава треба да ја изврши оваа статистичка операција. По Предлог – законот, како што е најавено, ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано, најверојатно следнава недела.

Со успешен попис добиваат граѓаните и државата, порачаа вчера од владејачката СДСМ, а опозициската ВМРО ДПМНЕ повтори дека се подготвува за акција за собирање потписи со коишто ќе се бара поништување на законот за попис.

-Доста е со неразумни блокади, кочења, поларизација, изјави Стефан Васев од СДСМ, порачувајќи му на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека на пописот не се гласа односно тоа не се избори, туку е статистичка операција.

Од ВМРО ДПМНЕ пак истакнаа дека подготвуваат документи, кои треба да се поднесат до Министерството за правда за да може да се спроведе акцијата за собирање потписи на терен, но, како што рече партискиот портпарол Наум Стоиловски, до тоа може и да не дојде ако власта се повлече од носење ваков закон.

Го повтори ставот на партијата дека законот е без методологија и содржи индиции за политичка, а не статистичка операција.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.

Поврзани новости