Законот за дивоградби ќе го спаси Стевче Јакимовски од судскиот предмет за кој му се суди?!

by fokus

Новиот Закон за дивоградби кој вчера доби амин од Собранието, задира и во судската власт, односно предвидува еден вид на амнестија, бидејќи се дава насока да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти.

За ваков предмет кривично се гони екс градоначалникот Стевче Јакимовски, откако во 2019 година обвинителството поднесе обвинение против 11 лица, од кои петмина признаа вина и се спогодија со обвинителството, објави „360 степени“.

Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

Според обвинението против Јакимовски, станува збор за незаконската легализација на објекти, меѓу кои и за просторот кај поранешниот ресторан „Имес“, и градењето на административната зграда на Општина Карпош.

„Тие, иако знаеле и биле должни да знаат, дека објектите за кои се поднесени барањата се објекти што не смеат да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, ги потпишале урбанистичките согласности и дале согласност за вклопување на предметните времени објекти за деловна намена во урбанистичко-планската документација. Со потпишувањето на решенијата за утврдување правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три фирми и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите кое било во сопственост на државата“, пишува во обвинението.

Тие иако знаеле дека постапката за легализација на времените објекти е спротивна на законот, овозможиле на две фирми преку спогодба да се стекнат со градежното земјиште за 438 денари за квадратен метар, иако според ценовникот за утврдување на пазарната вредност цената изнесувала 18.000 денари. На тој начин, според обвинителството, државниот буџет бил оштетен за 31.410.000 денари (околу 500.000 евра).

Поврзани новости