Закажани седум пленарни седници, ден за гласање во Собранието

by Fokus

Продолженија на дури седум пленарни седници се закажани денеска во Собранието.

Во 12 часот е закажано продолжението на 34.седница, на која во четвртокот заврши расправата за повеќе предлог-закони, но поради немање кворум за одлучување гласањето беше оставено за денеска.

Дневниот ред на повеќето други седници, што треба да продолжат по 15.30 часот е исцрпен во поголем дел и останати се главно закони што се поднесени или блокирани од опозицијата, како што се предлогот на спикерот Талат Џафери (што во меѓувреме го повлече) за измени во Деловникот за воведување можност за онлајн одлучување на пратениците; предлог-законот за изградба на нов клинички центар; предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за формирање комисија за справување со пандемија.

На дневен ред на една од неколкуте за денеска најавени седници е и предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството, по скратена постапка, што го поднесоа рпратениците од коалицијата Алијанса/Алтернатива.

На дневен ред на една од седниците е и предлог-законот за личната карта, по скратена постапка, што го поднесе Беса, а кон кој се приклучи Алијанса/Алтернатива, додека Левица поднесе над 1 000 амандмани.

Денешниот собраниски ден се смета за нов тест за компактноста на парламентарното мнозинство, особено откако вчера пратеникот на ДУИ Изет Меџити се повлече од координатор на пратеничката група на оваа партија, сепак, соопштувајќи дека останува лојален на политиките на Али Ахмети.

Поврзани новости