Захариев: Цела Влада ми е противник, ме следат нерегистрирани возила

by fokus

Актуелниот градоначалник на Штип, и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за уште еден мандат, Илчо Захариев, вели дека противник на овие локални избори не му е кандидатот на СДСМ, туку целата Владата. Захариев тврди дека против него се злоупотребуваат и ресурсите на Министерството за внатрешни работи и дека постојано е следен од нерегистрирани возила.

-Мене целата Владата ми е противник, а не Благој Бочварски. Наместо да се фокусираат на владини проекти, организираат митинзи на кои самите велат дека доаѓаат мене да ме рушат. Десет возила се испратени да ме следат низ Штип. Некои од нив немаат регистарски таблички, воопшто ги нема во системот. Освен тоа праќаат инспектори да стопираат изградба на улици кои се веќе отпочнати во општината. Очигледно е дека во Штип ќе се одвива битката за Македонија – вели Захариев.

На почетокот од изборната кампања за втор круг активисти на СДСМ стартуваа со морбидна активност со тоа што организираа лажен погреб за досегашниот градоначалник на Штип. Настанот наиде на негативни коментари и осуди во јавноста, а Захарев побара заштита од полицијата бидејќи, рече, неговиот живот е во опасност.

Инаку, Захариев бара втор мандат од штипјани. На првиот круг од изборите освои само 36 гласа повеќе од Бочварски што најавува неизвесна трка до самиот крај.

Поврзани новости