Загина српски државјанин кај Неготино

by fokus

Секоја година, за време на летната сезона, туристи од Србија гинат на автопатот Неготино – Гевгелија, најверојатно поради умор од предолгото возење додека патуваат кон својата дестинација за одмор – Грција.

Утринава, како што извести СВР Велес, во тешка сообраќајна несреќа животот го загуби педесетипетгодишен маж, а повредени се неговата сопруга (41) и трите деца на возраст од 10, 8 и една година. До несреќата дошло откако сопругата која што управувала со автомобилот изгубила контрола над возилото и удрила во левата заштитна еластична ограда на автопатот, а потоа се префрлиле на другиот коловоз. Настанот се случил во раните утрински часови во близина на хотел ,,Парк,, на автопатот Неготино – Демир Капија, а несреќното семејство од Белград патувало во Грција, на летување. Пред само неколку недели, уште едно семејство од Србија имаше сообраќајна незгода на автопатот, во близина на Неготино, исто така во раните утрински часови, додека патувало во Грција, но помина само со лесни повреди и материјална штета.

Минатата година пак, на истиот автопат животот го изгубија мајка и две деца, додека таткото и сопруг, познат свештеник од Србија ја преживеа несреќата. Речиси во исто време, исто така лани, загина и шеесетитригодишна србинка на пат за Грција, а останатите четворица патници, помеѓу кои и деца, кои што патувале со неа се здобија со тешки повреди.

Пред две години, две деца од Србија, во посебни сообраќајни несреќи, исто така во близина на Демир Капија го изгубија животот на пат кон Грција.

Голем е и бројот на српски семејства кои што поминале само со мали повреди и со материјална штета, и речиси секој ден на овој автопат се случува некоја незгода. Уште минатата година разговаравме со лекари од Итната помош од ЈЗУ Неготино кои што често излегуваат на терен за време на летниот период, и сите беа категорични, дека најчеста причина за несреќите е уморот од долгото возење.

,,Државјаните на соседна Србија, со цел да ги избегнат жештините, тргнуваат на пат во вечерните часови, а веќе рано наутро, по долгото возење ги совладува уморот, и не ретко заспиваат зад воланот, или пак едноставно губат концентрација. Затоа, постојано апелираме туристите да направат пауза, да преноќат во Македонија или пак да одморат барем неколку часа, пред да го продолжат патот,, – велат од Итна помош Неготино.

Вики Клинчарова

Поврзани новости