Загајевски го прими „Златниот венец“ на СВП

by fokus 21:15
21:15

Полскиот поет Адам Загајевски вечерва го прими најпрестижното признание на Струшките вечери на поезијата „Златен венец“ на меѓународниот поетски митинг „Мостови“. На Мостот на поезијата беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ со што заврши официјалниот дел од 57. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Загајевски е 53-ти добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Во неговата поезија најчест мотив е егзилот, а себе си се опишува како тивок и повлечен човек. Признанието му го додели директорот на фестивалот Мите Стефоски.

- Advertisements -

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2018 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшки вечери на поезијата му беше доделена на професорот и поет Зоран Анчевски за стихозбирката „Небеска пантомима“, а ја врачи претседателот на жири-комисијата Данило Коцевски. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант, претседателот на Управниот одбор Елизабета Шелева му го врачи на поетот Пауло Тапио.

Покрај добитниците на наградите, на поетскиот митинг ќе настапат и поети од разни страни на светот, а Струга деновиве по 57-ми пат е престолнина на поезијата.

Педесет и седмиот поетски фестивал свечено беше отворен во средата со традиционално читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга. Деновиве во поетска Струга гостуваат 30 поети од 29 земји во светот и околу 50 поети од Македонија.

Во рамки на Струшките вечери на поеизјата утре ќе има поетско матине на Матка, а вечерта на плоштадот „Македонија“ во близина на Камениот мост ќе се одржи поетски митинг.

Поврзани новости