Бодибилдерите Тоше Зафиров и неговата сопруга Габриела се вратија од Италија со освоени медали од Европскиот шампионат. Како што раскажуваат за „Фокус“, горди се на постигнатите успеси, кои се дел од низата на достигнувања во бодибилдингот која константно ја надградуваат со години наназад. Тоше – еден, а Габриела дури два медали, е епилогот од нивниот последен натпревар.
-Од 18–ти до 20-ти ноември во Рим, Италија, се одржа 2022 NPC WORLDWIDE EUROPEAN MASTERS CHAMPIONSHIPS, Qualifier Master Show. Горди сме што и на овој натпревар постигнавме огромен успех. Тоше во тешка бодибилдинг категорија се избори за влез во финале, во топ пет, и го освои високото четврто место. Исто така, Габриела беше пријавена во две категории и се закити со два медали. Во категорија фигура освои четврто место, а во велнес категорија освои трето место – раскажува парот.
Велат дека се среќни што од Рим донеле медали и убави спомени, и продолжувале со подготовки за идни спортски предизвици. Пред три месеци пак, кон крајот на август, тие беа првите Македонци кои учествуваа на Olympia Amateur Eastern Europe во Букурешт, Романија. И од таму се вратија со медали. Тоше се натпреваруваше во тешка категорија, во бодибилдинг со над 100 килограми и се избори за влез во финале и го освои 5-то место.
Габриела пак, учествуваше во две категории, и тоа во категорија бикини модел и во велнес категорија, и во двете категории освои трето место. Зафирови, кои по потекло се од Неготино, а долги години живеат во Скопје, поради своите спортски успеси добија и општински признанија од родниот град.
Лани Габриела по повод Денот на ослободувањето на Неготино доби признание од областа на спортот, а годинава Тоше ја доби наградата Осми Ноември, исто така за постигнати резултати од областа на спортот.
Вики Клинчарова