Зафир Хаџиманов: Доживеав мајтап и тоа тешко ми падна, очекував надлежните да се сетат на мојот труд!

by Fokus

Легендарниот пејач, композитор и поет Зафир Хаџиманов, кој е македонски амбасадор на културата во Србија, не го крие своето разочарување, откако непознато лице си поиграло со него и му испратило порака, наводно од Владата на Македонија.

Во неа го известувале дека Владата на Република Северна Македонија му доделува награда за животно дело, како на истакнат пејач, актер, поет и композитор, бидејќи дал голем допринос во областа на популарната уметност и култура во земјата и светот. Уште кога ја прочитал пораката, тој имал сомнеж дека е веродостојна, а денес во разговор за „Фокус” вели дека за жал, неговите сомнежи се потврдиле.

-Едноставно, кога ќе добиеш анонимна порака дека си награден со национална награда, веднаш се сомневаш дека нешто не е во ред… Свртев два – три телефони на мои пријатели во Скопје, тие се распрашаа и ми одговорија дека никој од Министерството за култура ништо не знае за таа награда. Морам да признаам дека ми падна тешко, некој така лошо да измислува мајтапи! Сега сум веќе во години кога сакал, не сакал, сепак посакуваш надлежните да се сетат и да го одбележат мојот труд достоинствено и праведно – појаснува Хаџиманов, кој со децении наназад живее со семејството во Белград.

Иако зад себе остави богата културна ризница, на свои 77 години вели дека не добил никаква национална награда за својот труд, а невкусната шега која му ја приредило непознато лице, само уште повеќе го разочарала.

-Минатата година Владата ме прогласи за почесен амбасадор на македонската култура и уметност, што јас навистина и без тоа сум веќе 60 години. Но, национална, државна награда е сепак нешто возвишено и неопходно за секој врвен уметник. Тешко ми падна сето ова, не ми се ни зборува повеќе. Ги сакам и поздравувам сите добри луѓе, тој што го направи мајтапот со мене, не вреди да се спомнува – порача Хаџиманов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости