Заеви: Не знаевме дека имаме 35 – годишна ќерка во Русија!

by fokus

До пред неколку дена не знаевме дека имаме 35 – годишна ќерка во Русија, еве сега од социјалните мрежи дознавме – вака во телефонски разговор Зорица Заева ги коментира приказните за младата жена, фотографирана покрај луксузен автомобил со украсна лента, за која што неинформираните тврдат е нивната ќерка Александра, а некои пак дека станува збор за Ева, внуката од брат на Зоран Заев.

Шпекулациите дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред неколку дена и подарил луксузен автомобил на својата шеснаесет годишна ќерка почнаа со постирање на неколку фотографии на социјалните мрежи. Дел од јавноста коментира дека се работи за Александра, која што скапиот подарок го добила како роденденско изненадување од родителите.

Фотографиите беа меѓу најсподелуваните деновиве, а оние што ги споделуваат не се ни запрашаа дали навистина се работи за ќерката или внуката на Заеви.

Младата жена на фотографиите, не е ниту Александра, ниту пак нејзината братучетка Ева, туку станува збор за познатата руска блогерка Софиа Саравда. Таа е позната како Инстаграм ѕвезда, која најчесто се фотографира со модерни автомобили, покрај базени, или пак во својот раскошно уреден дом.

На нејзните фотографии често се појавува и нејзината седумгодишна ќерка, и Заеви се изненадени од лагите кои што молскавично се проширија во јавноста, прашувајќи се како луѓето не можат да направат разлика помеѓу 35 -годишна жена и шеснаесет годишно девојче.

,,Не е прв пат да се појават разни измислици во јавноста, и нашите деца да бидат вмешани во нечија пропаганда. Нашата ќерка Александра има шеснаесет години и нема автмобил. Кога ќе стане полнолетна, кога ќе почне да работи и да заработува, сигурна сум дека самата ќе си купи и нема да чека скапи подароци со украсни ленти и балони од својот татко. Ние нашите деца ги воспитуваме да бидат скромни и трудољубиви, и целата оваа приказна со фотографиите на руската блогерка е дури и помалку смешна. Има голема разлика од русо девојче и црна жена, но очигледно дека некои луѓе сакаат да веруваат во вакви конструкции” – вели Зорица, сопругата на Зоран Заев.

Таа додава дека ниту нивната внука Ева, која што е честа мета на медиумите во изминативе години, откако почна поинтензивно да се занимава со моден дизјан, нема сопствен автомобил, и единствено може да се види во автомобилот на мајка и.

,,Нашите деца уште од најрана возраст се на мета на разни напади и ние се трудиме да ги заштитиме, но и да ги научиме дека вистината секогаш излегува на виделина” –  изјави Заева.

На шега додава дека, ете според некои ,,експерти” добиле и 35 – годишна ќерка и внука во Русија, и се обидува да не реагира на вакви измислици во кои што се вмешуваат нивните деца.

Вики Клинчарова

Поврзани новости