Заеви ќе ја прослават Нова Година дома: Живи и здрави сме, значи годината ни беше среќна

by Fokus 14:39
14:39

Приватниот живот на политичарите во земјава и светот секогаш бил интересен за јавноста, посебно кога станува збор за прослава на празници, летувања, зимувања, свадби, родендени…

Ако се земе во предвид дека сликата за имиџот на политичарите народот најчесто ја гради и според нивниот приватен имиџ, сосема е оправдан интересот на јавноста околу тоа како политичарите го минуваат слободното време.

- Advertising -
"

Во пресрет на новогодишните празници кои се повод за добра забава, а често и патувања на привлечни дестинации надвор од земјава, вообичаен е интересот каде и како ќе слави нашиот политички врв. Ако лани празничните денови ги поминаа во соседна Грција, на покана на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, годинава премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица велат дека Новата година ќе ја дочекаат дома, со фамилијата.

-Нема многу што да се каже околу претстојните празници, ќе ја дочекаме Новата година дома, со семејството. Годинава што изминува би рекла дека ни беше среќна и успешна, сите сме живи, здрави, имаме слога, а тоа е најважно – изјави за ,,Фокус” Зорица Заева.

И во минатото Заеви најчесто ја дочекувале Новата година во родниот крај. Со години наназад, тие имаа традиција да прослават заедно со штитениците во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско. Во 2015 година, со штитениците прославија десет години заедничко новогодишно дружење, и по тој повод тие им подарија торта.

Споделувањето на приватни детали од животот со јавноста најчесто ги прикажува политичарите во едно поинакво светло, односно дека и тие се обични луѓе, родители, брачни сопружници, пријатели… Токму поради тоа, премиерот и неговата сопруга секогаш се отворени за прашања поврзани со нивните приватни случувања, што во минатото беше вистинска реткост со поранешниот премиер Никола Груевски кој секогаш вешто избегнуваше споделување на детали од приватноста. Во светот пак, голем е бројот на народните избраници кои не ги штедат деталите од семејниот живот.

Покрај фотографии од новогодишните прослави, многу од светските лидери споделуваат и фотографии од летувања, но и други интимни семејни прослави, бидејќи сепак, гласачите се интересираат и за личноста, односно приватниот живот на политичарите, што во многу случаи се покажало како пресудно за добивање на глас.

Вики Клинчарова

Поврзани новости