Заев за српски Курир: Има сомнежи дека власта е вмешана во „Смилковско“ и „Куманово“

by fokus

Лидерот на СДСМ во интервју за српски Курир изјави дека постојат разговори кои покажуваат дека за убиството на Смилковскo езеро нема докази дека луѓето што се обвинети за убиството и што лежат во затвор, се виновни.

„Во прислушуваните разговори не постои доказ кој покажува кој го извршил убиството, но постојат сомнежи дека власта е вмешана. По разговорите може да се сфати дека постојат сериозни индиции дека власта сакала да покаже дека Албанци убиле Македонци“, вели тој во интервјуто.

На прашањето на новинарот, дали е можно власта да стои позади убиството, тој изјави дека според неговото мислење, може не се вмешани високи преставници од власта, но нивни преставници се вмешани.

„Немам конкретни докази, но мислам дека се вмешани врз основа на тоа што слушнав. Исто така, мислам дека се вмешани и во нападот во Куманово, каде беа убиени наши полицајци. Осум наши полицајци загинаа од криминални структури кои влегоа од Косово во Куманово и ги окупираа куќите. Убеден сум дека власта тука вмешала прсти и дека истрагата ќе го докаже тоа“, вели Заев.

Понатаму новинарот прашува за тоа дали Заев поседува докази докажуваат вмешаност на Сашо Мијалков за настаните во Куманово.

„Ние имаме само индиции, не и докази“, вели Заев.

„Медиумите споменуваа дека некој од македонските функционери помогнал на еден од водачите на таа криминална група да се префрли на Косово“, прашува новинарот.

„Многу структури се инволвирани. Еден е Синиша Алексовски. Го чувме разговорот помеѓу него и лицата кои се јавуваат кај командантот Мирсад Ндрецај од Косово, познат криминалец и бандит кој хара по овие простори – Косово, Србија, Прешево, Куманово, тетовскиот крај, скопскиот дел и тие имале комуникација. Зошто имале потреба да имаат меѓусебна комуникација. Постојат сериозни индиции за Синиша Алексовски. Мислам дека тој е шеф на обезбедување на тајните служби кој беше кај Ѓорѓе Иванов, но постојат и други индиции за инволвираност во високите структури. Јас на граѓаните им ветив меѓународна истрага за убиството на Смилковско езеро и за настаните во Куманово, за убиството на Никола Младенов, за убиството на активистот на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Нешковски. Мора да постојат независни истраги за вакви работи. Ако сакаме да бидеме земја како сите други земји не може да постојат вакви табу теми, да не се знае кој убил четири деца од македонска православна вероисповест или да не се знае кој уби наши осум полицајци, зошто тоа се случило, кој стои позади тоа, кој убил еден од најславните македонски новинари Никола Младенов. Тој беше критички настроен кон СДСМ и кон ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Заев.

Целото интервју со Заев е достапно на следниот линк.

Поврзани новости