Заев: Нападот на Пендаровски е несоодветен, но здраво е да имаме несогласувања!

by Fokus

Премиерот Зоран Заев денеска даде свој коментар за вчерашното препукување и меѓусебно обвинување помеѓу министерот за здравство Венко Филипче и претседателот Стево Пендаровски за доцнењето на вакцините против Ковид-19.

Заев го оцени настапот на Пендаровски како несоодветен. Тој рече дека бил информиран за одговорот што го упати Филипче, како член на Владата, откако претседателот, по седницата на Советот за безбедност, изјави дека сликите од вакцинирањето на македонски граѓани во соседството се израз на солидарност на Србија, ама се срам за државата.

-Јас многу го почитувам претседателот Пендаровски, ама нападот од него не е соодветен, со оглед на сите напори што ги правиме за набавка на вакцините. Знам за одговорот на министерот Филипче, секако дека сум упатен кога реагира член на Владата. Но слободата е голема придобивка. Едно време беше незамисливо да има несогласувања меѓу претседател и министер. Еве, сега гледаме дека не може да се согласуваме за сѐ. Здраво е да имаме и несогласувања, ама тоа не значи дека не се почитуваме, изјави Заев по денешната средба во Собранието со претставници на Алијанса/Алтернатива.

Поврзани новости