Заев за прагот на прогресивно оданочување: Мојот приход не е толку голем, јас земам 87.000 денари

by fokus

Ние сме левичарска Влада, доминантно социјал-демократска, мене ми е логично и фер оние што имаат повисоки приходи, што имаат повеќе да платат повеќе, а тие што имаат помалку преку институциите да добијат повеќе. Само вака ќе работиме на враќање на средната класа, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, на новинарско прашање за даночната реформа.

Според Заев прогресивното оданочување ќе опфати само еден процент од активното работно население. Станува збор за околу 9.000 граѓани, кои треба да платат 8 проценти за персонален данок. Процентот ќе се пресметува од разликата меѓу прагот од 90.000 денари и вкупниот приход. На пример ако лицето има месечен приход од 100.000 денари, ќе треба за 10.000 денари да плати плус 8 отсто данок на државата, или вкупно 800 денари.

-Мојот приход не е толку голем, јас земам 87.000 денари, тоа е платата на премиерот. Зборуваме за приход над премиерската и над претседателската плата. Треба да имаме мотивирани медицински сестри, мотивирани специјалисти и лекари, треба да продолжиме да ги спроведуваме реформите. Верувам дека сите длабоко во душата знаеме дека ќе биде ова наше општество ќе биде поквалитетно ако бидеме солидарни, а солидарноста ја прават тие кои добваат повеќе, кои имаат бизниси – рече премиерот.

Според него со оваа даночна реформа ќе се акумулираат 25 милиони евра годишно во буџетот на државата. Тие средства потоа ќе се пренаменат за зголемување на социјалната помош и други мерки за средната класа.

Информатичарите, градежниците и други професии нема да бидат засегнати од даночните промени, бидејќи, како што рече Заев, тие немаат приходи над 90.000 денари.

– Оваа мерка е добра, фер и праведна. Бизнисмените реагираат, но што да кажат сиромашните граѓани, како тие да реагираат за нивната држава да најде механизми дополнително да им помогне. Верувајте дека се ќе врати кај бизнисот. Ако ја зголемиме платата на крајот на денот ја зголемуваме пторошувачката моќ, а тоа се канализира најмногу кај домашните продукти. Тоа е врзан систем – додаде премиерот и најави дека со ова ставката за социјална помош ќе се зголеми за 36 милиони евра.

Вицепремиерот, Кочо Анѓушев, порача дека иако е еден од оние кои ќе бидат засегнати од прогресивното оданочување, сепак ја поддржува мерката.

-Со оваа мерка не се задава удар на индустрија, другите даноци остануваат исти, зборуваме само за персонален данок, за праведно даночење. Јас сум еден од тие кои ќе подлежат на тоа, мислам дека е правично оние кои имаме поголеми приходи да помогнеме да се изгради пофер општество. Што се однесува до прагот, не е мој, на никого не е, тоа е праг на владата, одлучено е тоа да биде тоа праведниот праг и јас се согласувам со тој праг. На тој начин се заштитува интересот на младата интелектуална класа која сакаме да остане во државата, сакаме да ја гради оваа држава. Тоа се млади специјалисти, инжинери, информатичари, тие се изземени, во оваа мерка влегуваат само 1 отсто од граѓаните кои имаат најголеми лични приходи. Во нив спаѓам и јас, треба да се солидаризираме – додаде тој.

 

Поврзани новости