Заев за Дојче Веле: Груевски се обидува да ги избегне обврските, но нема да му дозволиме

by Фокус

Груевски ќе се обидува на разни начини дa ја избегне реализацијата на преземените обврски. Но, тоа ние нема да му го дозволиме, ниту ќе му го дозволат меѓународните гаранти на договорот, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во денешното интервју за Дојче Веле.

Тој вели дека очекува многу брзо по 17 август да се дефинира начинот за прочистување на Избирачкиот список и истакнува дека предлог на СДСМ е тоа да се реализира со активна регистрација на гласачите, односно да се создаде целосно нов список наместо да се чисти постојниот. Додава, дека не само според важноста, туку и според поставениот рок, приоритет за решавање е прашањето за специјалниот обвинител.

– Целосната автономија за специјалниот обвинител е предвидена со Договорот и не може двојбено да се разгледува. Тоа значи дека специјалниот обвинител ќе биде издвоен од субординираноста на системот на обвинителството и ќе биде самостоен во одлучувањето. Тоа значи дека треба да има тим кој ќе работи на предметите со него, да има целосна самостојност во изборот на инспектори во Истражниот центар и да има финансиска независност и техничка опременост за непречено функционирање. Нема тука посебна „филозофија“, која би била причина за дебата или недоразбирања. За таа цел, прв неопходен чекор е донесување нов закон или измена на постојниот, со што ќе се гарантира таа автономија. Ние имаме разработено два вида измени и дополнувања на законот и еден нов предлог закон. Очекуваме и власта да даде предлози со оглед дека има повеќе ресурси, со цел да биде олеснето донесувањето на конечното правно решение кое ќе обезбеди целосна автономија на специјалниот обвинител – вели Заев.

Поврзани новости