Заев: Воздржете се од барање виновници, сега е време да му се помогне на Скопје

by Fokus

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашната прес-конференција  апелираше на помош за Скопскиот регион и да им се помогне на граѓаните кои се најзагрозени од невремето.

– Граѓаните на општина Струмица и јас како Градоначалник  на  оваа општина сме силно потресени од синоќешното големо невреме што се случи во нашиот главен град, кое според последните информации однесе повеќе од 20 животи, неколкумина се исчезнати, седумдесеттина  граѓани се повредени, а несомнено е дека водената стихија направила и огромна материјална штета – истакна Заев.

Според него, нема ништо полошо од вакви природни катастрофи во кои страдаат невини луѓе.

– Струмица денес жали, како што жали и Скопје, како што жалат и сите градови и општини во Македонија. Сакам во оваа прилика, да го споделам моето сочуство со семејствата на настраданите граѓани, како од мое лично име, така и од името на сите граѓани на општина Струмица.  Посакувам вакво нешто, никогаш повеќе да не се повтори – изјави Заев.

Тој апелира до сите граѓани да се воздржат од било какви препукувања по социјалните мрежи, јавно жигосување и барање  виновници.

– Сега е време да му се помогне на Скопје и скопјани, како и на населените места и нивните граѓани кои се најзагрозени од невремето. Сега е време за хуманост и солидарност кон семејствата на настраданите и кон сите други кои ги трпат последиците од невремето – додаде лидерот на СДСМ.

Поврзани новости