Заев воопшто нема да сведочи за обидот за убиство на Села

by fokus

Премиерот Зоран Заев нема да сведочи во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села. Тој беше предложен од одбраната, но адвокатот на обвинетиот Александар Јаневски Тошта, Бојан Ваневски се откажа, бидејќи како што рече со денешниот редослед на сведочења се нарушил целиот концепт кој го замислила одбраната, објави ПлусИнфо.

Имено, Заев беше прв на листата предложени сведоци од одбраната, но поради зафатеност тој го известил судот дека нема да може да дојде на денешната расправа.

Во судница за денеска беа повикани вкупно пет сведоци, покрај Заев, покани беа испратени и до неговиот телохранител Александар Трајков, Тони Мандаровски, Антонио Филевски и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Меѓутоа, Филевски не се појави, а не дојде ниту Ѓорчев кој не бил уредно поканет.

Во Кривичен да сведочат дојдоа само Мандаровски и Трајков, па бидејќи не се појавија сите сведоци според предложениот редослед, адвокатот Ваневски реагираше.

– Сметам дека сведоците треба да бидат сослушувани по редоследот по кој се предложени, бидејќи се нарушува концептот зашто исказот на еден сведок треба да се надополнува на исказите на другите сведоци – реагираше адвокатот.

Сепак се пристапи кон испрашување на двајцата сведоците, а одбраната потоа го повлече предлогот Заев да сведочи токму поради концептот кој го имала замислено.

Поврзани новости