Заев: Во заедничката историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик

by fokus

Тврдам дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле, откако вчера Бугарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Тој повторува дека  немаме никакви претензии кон соседот.

-Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Бојко Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Јавно тврдам дека заедничката историја е реалност и постои. Во таа заедничка историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство. Тоа е љубовта која што носи иднина. Другата љубов не е вредна затоа што носи раздор и непријателство. Јас сум убеден дека и Каракачанов, кој е претседател на партија со десна определба, не сака конфликти со своите соседи, не сака да ги раздели Македонците од Бугарите, тој сака да гради пријателство внатре. Тој ги знае моите ставови. Јас сум често домаќин на културни манифестации на Бугарите во земјава – наведува Заев.

Тој додава дека како премиер го возобновил и го подигнал споменикот на полковник Константин Каварналиев во Дојран, затоа што, наведува, се борел за слободи и права во Првата светска војна.

-Затоа што тоа може да биде мост на пријателство. Јас сум разговарал лично со градоначалници на општини и институции да тргнат табли на кои што се зборува за „непријателски” народи и да ја променат таа табла. Јас сум тој којшто работи, заедно со целиот мој народ, на јакнење на довербата, пријателството и братството на двата народи, но не можете нешто ако е изгубено со децении, за две години да го постигнете, треба дополнително време, а тоа зависи од сите нас,  истакнува Заев.

Поврзани новости