Заев во ОН: Дел од целите за одржлив развој веќе се имплементираат во нашите политики

by fokus

Пет приоритетни цели за одржлив развој на Владата на Републка Северна Македонија за периодот 2018-2020 година се без сиромаштија, квалитетно образование, пристојна работа и економски раст, климатска акција и силни институции за мир и правда, рече премиерот Зоран Заев обраќајќи на Форумот на највисоко ниво на Самитот за целите за одржлив развој, како дел од програмата на 74-тото Генерално собрание на ОН.

Како што соопштуваат од владината прес служба премиерот нагласил дека во наредниот период, Република Северна Македонија ќе биде интензивно посветена на процесот за пристапување во членство во ЕУ, и со оглед дека Агендата 2030 за целите за одржлив развој е во иста насока, тоа претставува одлична можност да ги разгледаме нашите тековни стратешки документи, програми за да создадеме здрави јавни политики за нивно ефикасно спроведување во иднина и за реализација на целите за одржлив развој.

Дека дел од целите за одржлив развој веќе се имплементираат во дел од политиките на Владата на Северна Македонија, премиерот Заев посочи на мерките и реформите со кои директно се враќаат буџетските пари на нашите граѓани,  и со тоа се намалува нееднаквоста и им се помага на оние на кои им е најпотребна финансиска помош.

-Да се намали нееднаквоста и да не оставиме ниту еден зад нас, е врвниот принцип на Владата на РСМ и на Министерството за труд и социјална политика. Успешното спроведување на социјалните реформи овозможи дури 30.000 домаќинства или околу 120.000 граѓани да добиваат социјална помош повисока во просек за 300 отсто во однос на 2016 година. Поддршката за младите е еден од нашите приоритети како земја. Обезбедување поволни услови за надградба, развој и вработување на млади се видливи преку нашиот Оперативен план за вработување. Владата обезбеди 17,9 милиони евра за оваа година и тоа е најголема сума досега, три пати поголема во однос на 2014 година, издвоена за мерките за вработување на младите, информираше премиерот Заев на Форумот.

Тој истакна дека дека Република Северна Македонија е единствената земја која не е членка на ЕУ и воведе гаранција за млади, мерка што е дел од европските политики и има за цел да им обезбеди на младите луѓе во рок од четири месеци од датумот на регистрација во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или стажирање.

Тој соопшти и за мерките за поттикнување на развојот и иновациите на микро, малите и средни компании за да се создадат подобро платени работни места.

-Ние како Влада веруваме дека инвестирањето во компании за иновации и стартап компании ќе ги задржи младите луѓе во земјата и ќе ја намали економската миграција. Со цел да ја демонстрираме нашата јасна политика и подготвеност да ги следиме идеите на младите луѓе во развојот на нивниот бизнис, заедно со поддршка на Светската банка го зголемивме седум пати портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој со сума од 39 милиони евра, истакна премиерот Заев.

Посочи и на мерките што се прават за да се поддржат „зелените“ работни места и имплементацијата за енергетска ефикасност во зградите и снабдувањето со ниска количина на јаглерод.

Поврзани новости