Досега имаме обезбедено шест милиони евра преку ваучерскиот систем за помош на спортот, но преговарам со министерот за финансии Драган Тевдовски за да може да зголемиме на 10 милиони евра. Доколку перформансите на Буџетот се зголемуваат сакаме да ја зголемиме таа бројка на десет милиони евра, рече премиерот Зоран Заев на одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир што се одржа денеска во Струмица.
Премиерот додаде дека досега се користеле 2, 3 и лани 5 милиони евра за спортот и сигурно е дека сумата ќе се зголеми.
– Втор убав момент е што рамноправно насекаде ќе се распределуваат овие средства. Обично тие пари досега стигнувале до големите клубови, најпознатите од било кој спорт, сега рамноправно по категориите на спортовите и по категории на лигашкото натпреварување, дали се во прва, втора, трета или општинска лига, на тој начин ќе бидат распределени и самите средства. Значи, за сите млади луѓе кои имаат намера да станат професионални спортисти ќе има дополнителни средства – наведе Заев.
Според него, спортот и физичкото образование се од исклучителна важност за секое општество и затоа се промовираат и поддржуваат политики со кои ќе се зголеми бројот на граѓани од сите возрасти, социјални групи и средини кои секојдневно ќе го применуваат спортот и спортско-рекреативните активности.
– Наша цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во „спортот за сите“. Наша намера е преку моделот на училишен спорт да го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните пет илјади на 50 илјади во основното и средното образование, истакна премиерот Заев.
На новинарско прашање, колку тој спортува, премиерот одговори дека има многу малку време, но и покрај тоа го користи. Рече дека в недела вози мотор, а во Скопје секој четврток играл фудбал со министрите, но не бил баш редовен. Се надева дека во иднина ќе имал повеќе време за спортување за да биде подобро подготвен за секојдневните активности.