Заев: Во Брисел приоритет ќе ни бидат преговорите за влез во ЕУ

by fokus

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, утре патува за Брисел во прва официјална посета на Европската Комисија и Европскиот Совет.

Премиерот ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Донал Туск, со високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Федерика Могерини, и со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, соопштија владиниот кабинет.

Премиерот Заев ќе ја презентира владината стратешка цел, однсно реформските приоритети во агендата на Владата за враќање на земјава на патот на евроатланските интеграции.

“Како премиер длабоко ги ценам пораките за поддршка на новата Влада кои деновиве ги добив од челниците на ЕУ и НАТО. Сите без исклучок гледаат голема надеж во мојот Кабинет и во новата влада да ја врати земјата на европскиот пат. Тоа за нас е дополнителен мотив веднаш да се зафатиме со реформските процеси што сме ги ветиле пред граѓаните и пред нашите пријатели во Брисел да претставиме конкретна реформска агенда, која ќе ги деблокира процесите за напредок кон членство во ЕУ со обновување на препораката за почеток на преговори која поради политичката криза е замрзната веќе две години, порачува Премиерот Зоран Заев во владиното соопштение.

Понатаму Премерот Заев посочува дека Владата е силно посветена со конкретен план за реформи во соработка со институциите на ЕУ да работи и на изнаоѓање решенија за отворање на поглавјата 23 и 24, како суштински не само во процесот на преговори за пристапување, туку и за реформите на домашен план, коишто треба да го вратат владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите.

Воедно владината делегација ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. На средбата со Столтенберг, ќе биде презентирана решеноста за унапредување на добрососедските односи врз основа на взаемно почитување, определбата да се продолжи со придонесот во мисиите на Алијансата, како и заложбите да се обезбедат сите потребни предуслови за натамошно осовременување на Армијата на РМ согласно стандардите на НАТО, се вели во владиното соопштение.

Поврзани новости