Заев: ВМРО-ДПМНЕ предизборно се стекнале со имот од 1,6 милиони евра

by Фокус 13:43
13:43

ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, предизборно, во трите месеци до распишувањето на претседателските избори годинава се стекнале со имот на име на партијата од над 1,6 милиони евра, обелодени на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев

Според него, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дошле до станови, деловни простории и парцели на повеќе места во Македонија за само неколку дена во ноември и декември 2013 година, како и во јануари годинава. Заев рече дека во ноември владејачката партија се стекнала со имот од околу 300.000 евра, во декември 800.000 евра, а во јануари годинава со имот од уште околу 300.000 евра.

- Advertisements -

Заев објави катастарски листови на имотот каде што како сопственик наводно се јавува владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

На 20 ноември 2013 година, за само еден ден, вредноста на стекнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, според документите што ги обелодени Заев е над 300.000 евра. Станува збор за следниот имот што го објави СДСМ:

– Стан во Берово со помошни простории од 110 квадратни метри, по пазарна вредност од околу 45.000 евра.

– Станови во Велес, со вкупна квадратура од околу 130 квадратни метри и над 100 квадратни метри, по пазарна вредност од околу 150.000 евра.

– Три деловни простории во скопската општина Аеродром, со вкупна квадратура од 72 квадратни метри, или пазарна вредност од околу 110.000 евра.

– На 21 ноември 2013, ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци дошла до стан вреден околу 70.000 евра.

– На 22 ноември 2013, купени се два деловни простори во Струмица, од по 50-тина квадратни метри, со пазарна вредност од околу 150 илјади евра.

„Само во ноември 2013, ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот од околу половина милион евра“, рече Заев.

На 23 декември 2013, партијата, според Заев, станала сопственик на станови, деловни простории и земјишта од 800.000 евра.

„Во Кисела Вода, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дошле до деловен простор од околу 90 квадратни метри и стан, според пазарните цени на чинење по квадрат, од околу 190.000 евра. Во Аеродром, во истиот ден, станале сопственици на две деловни простории од по 40-тина квадрату, со гаражи, за околу 150.000 евра. Во Радовиш, имале потреба од куќа што според пазарните цени чини околу 90.000 илјади евра. Во истиот ден, 23 декември, се стекнале со и со стан во Виница, во вредност од околу 27.000 евра. Во Охрид, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ станале сопственици на два деловни простора на атрактивна локација во градот, по вкупна пазарна вредност од неверојатни над 300.000 евра! Партијата на Груевски, имала потреба и од деловен простор во Таринци, по цена на чинење од околу 20 илјади евра!“, рече Заев.

Според него, на три дена по Нова Година, на 3-ти јануари 2014, партијата станала сопственик на деловен простор во Штип од 150 квадратни метри, по пазарна вредност од 225.000 евра. На 20 јануари, според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ дошле до стан во Петровец од 25.000 евра и до имот во Пробиштип вреден 50 илјади евра. Еден ден подоцна, на 23 јануари 2014 во Пехчево се стекнале со стан со помошни простории во вредност од околу 30.000 евра.

„За три месеци, ноември, декември и јануари, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се стекнале со станови, простории и земјишта од над 1.6 милиони евра. Те прашувам Никола Груевски, како ти успева само на тебе, на твоите функционери и на ВМРО-ДПМНЕ, да се богатите во граници што ја надминуваат секоја разумна логика ? Го повикувам премиерот Груевски, веднаш да престане да се крие, да излезе пред македонската јавност и да ги признае сите финансиски скандали во коишто е длабоко влезен и тој лично и тесната група околу него. Потоа, да замине од власта и да ги ослободи и граѓаните и државата од товарот што поради него го носат на плеќите 8-ма година досега“, изјави претседателот на СДСМ.

 

Поврзани новости