Заев вечерва на средба со лозарите во Кавадарци, Николовски тврди дека се прават напори визбите да дадат плус еден денар за килограм грозје

by fokus

Премиерот Зоран Заев вечерва ќе дојде во Кавадарци, на средба со лозарите кои најавија протести поради ниските откупни цени на грозјето. Веста дека Заев ќе дојде да ги сослуша лозарите со цел да се најде решение за нивните проблеми ни ја потврдија вработени во општината.

Вчера претседателот на регионалното здружение ,,Напредни лозари’’ Трајче Кулев ги повика лозарите на собир, на кој ќе се договорат термини за протести, односно најави блокирање на регионални и магистрални патишта поради ниската откупна цена на грозјето.
-Со последниот состанок во министерството не постигнавме напредок. Цените останаа исти, 13 со 11 денари за килограм грозје, и ние лозарите сме во загуба. Ги повикувам лозарите да дојдат и да дадат поддршка, за да постигнеме реална цена. Протестот е планиран да се одржи по магистралите и регионалните патишта, мораме нешто да постигнеме – изјави Кулев пред медиумите.

,,Фокус’’ го контактираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој моментално е во Словенија на еден од најголемите меѓународни саеми за земјоделство и храна ,,Агра 2018’’.
По повод реакциите на незадоволните лозари тој тврди дека се водат разговори со винариите и се прават напори да им се излезе во пресрет на лозарите.
-Имам разбирање за лозарите и доколку бев во Македонија, секако дека ќе се сретнев со нив. Правиме се што е во наша можност за подобрување на состојбата во лозарството и има ветувања од страна на винариите за зголемување на цената на грозјето плус за еден денар за килограм. Будно ќе ја следиме состојбата – ни изјави во телефонски разговор Николовски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости