Заев, Сугарески и Жбогар свечено ќе ја отворат делницата Демир Капија – Смоквица

by fokus

Автопатската делница Демир Капија – Смоквица, по шест години изградба, ќе биде пуштена во употреба денеска, со што се добива целосно автопатско решение долж Коридорот 10 на територијата на Македонија.

На свеченоста се најавени обраќања на премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар.

На свечената церемонија ќе учествуваат претставници на Директоратот за проширување на ЕУ, членови на Владата , претставници на локалните самоуправи низ кои поминува автопатот „Пријателство“ од Коридорот 10, претставник на централната власт на Република Грција и претставници на компаниите изведувачи на работите на оваа делница.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Од нив 107 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се грант од ЕУ, а шест милиони евра преку Буџетот на РМ.

Има две клучки, кај Миравци и Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника. Ширината на сообраќајницата е 25,6 метри, со две ленти за возење, една за застанување и средишен зелен појас широк три метри.

На автопатот треба да има и две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, за кои пред еден месец беше издадена градежна дозвола и се очекува да бидат завршени за околу осум месеци.

Автопатската делница ја градеше грчката компанија „Актор“, која беше избрана како најповолен понудувач на тендерот објавен во август 2011 година, на кој во потесниот избор беа и италијанскиот конзорциум „Тодини“ и турската „Мапа“.

Инфраструктурниот проект го почна претходната, а го заврши и го става во употреба актуелната власт. Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури. Од СДСМ како поранешна опозиција упатуваа прашања околу изборот на „Актор“ и износот на инвестицијата, додека пак, од поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ по заминување од власт минатата година ја обвинија новата Влада дека е неспособна да пушти готов проект.

Таквите тврдења беа отфрлени и беше објавено дека пречка за пуштање на автопатот се незавршени административни постапки за да се може да се изгради контролен центар и недислоцораниот далновод на МЕПСО. Следеше одлуката на Владата во октомври лани со која со анекс на договорот за изградба, беше продолжен рокот за завршување на автопатот до февруари годинава за да се завршат градежните зафати за далноводот и за контролниот центар. Тие активности веќе се завршени, а за пуштањето на автопатот беа направени и други законски измени.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) минатиот месец објави дека отвора истрага под име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Предметот, според СЈО, се однесува за фаворизирање на грчката компанија „Актор“ за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, иако подобра понуда имала италијанската компанија „Тото“. Покрај тоа, во „Актор“ има сомненија и за перење пари.

Според најавите, во септември годинава треба да биде пуштен во употреба и автопатот Миладиновци-Штип, за кој исто така се продолжи рокот за изградба. На терен треба да продолжат активностите за изградба на автопатот Кичево-Охрид, каде по анексот на договорот со кој се продолжи рокот за негова изградба до 2021 година, со кинески „Синохидро“ се преговара и за дополнителна сума за активностите.

Поврзани новости