Заев: Стручното образование обезбедува добра иднина за младите и за севкупниот економски раст на земјата

by Fokus

Во рамките на кампањата за промоција на стручното образование и занимања, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев вчера ја посети практичната настава во Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ (ГУЦ) во Скопје.

Учениците кои ќе бидат идни градежни инженери, проектанти и геодети, презентираа како се проектира и се работи со 3D принтер, како се ѕида гипсен ѕид и како се извршуваат теренските геодетски мерења.

Премиерот Заев  рече дека голем процент од младите луѓе многу полесно ќе најдат работа ако навремено уште во образованието се насочуваат за стручните потреби на пазарот на трудот.

„Дефинитивно, иако бројката на невработени  е падната на 17,5%, сé поголем е недостатокот на квалификувана работна сила. Во една таква околност треба да направиме убав спој на младите луѓе коишто завршуваат средно образование, на компаниите коишто сé повеќе и повеќе ги има во нашата земја и на државата и државните институции за да добиеме win-win-win ситуација. Младите луѓе веднаш по завршувањето на средното образование, се обезбедени со трајно вработување, квалитетни и одржливи примања кои што значат гаранција за нивниот кариерен раст. Со дуалното образование ја добиваат неопходната практична квалификација зашто до крајот на своето образование стигнуваат некаде околу 70% од своето време да го поминуваат во практична настава директно во компаниите, и преку пракса знаат што ќе работат“, подвлече премиерот Заев и додаде дека тоа е корисно и за компаниите кои однапред ќе можат да го планираат својот производствен процес знаејќи дека има квалификувана работна сила којашто ќе може да ги исполни нивните идни развојни планови.

„Како држава треба да обезбедиме младите да имаат своја квалитетна перспектива и да бидеме подготвени како држава со квалификувана работна сила за да го подржиме севкупниот раст и развој на нашата земја. Пред два дена присуствував на финалната фаза од градењето на фабриката на германската компанија „Гересхajмер“ за производство на производи од фармацевтската и медицинската индустрија, инвестиција која ќе обезбеди 400 работни места.  Ваквите напредни технологии на производство, имаат потреба од стручни кадри, кои веќе при школувањето имале практично искуство кое подоцна се  реализира преку зголемена  ефективност и продуктивност во работењето“, рече премиерот Заев и додаде дека во соработка со Агенцијата за вработување се развиени програми за поддршка на вработувањето, вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби, како и за поддршка на младите преку младинска гаранција, тренинг, до-едукација и нивна подготовка, сето тоа во функција на конечната цел – младите да бидат повеќе згрижени, вработливи и среќни овде во државата.

Поврзани новости