Амбасадорката на Португалија, Марија Виржиња Пина, на средба со премиерот Зоран Заев пренела силна поддршка од нејзината земја и португалското претседателство со Советот на ЕУ за европерспективите на нашата земја, соопштија од Владата по состанокот.
Португалија, велат од Владата, смета дека Северна Македонија треба да биде дел од ЕУ.
-Соопштено е дека Португалија, како држава којашто гради мостови, посебно ги почитува политиките на премиерот Заев и на Владата – на создавање решенија, наместо проблеми. Тоа, како што е констатирано, е случај со развојот на добрососедските односи со Грција и Бугарија, но и со сработеното во реформските процеси на домашен план, поради што, Португалија, како земја којашто претседава со Советот на ЕУ, цени дека Република Северна Македонија треба да биде дел од семејството на ЕУ, велат од Владата.
Заев, пак, се заблагодарил за поддршката од португалското претседателство и предлогот за надминување на спорот со Бугарија, кој повторно нагласил е креативно решение.
-Покажавме како држава дека сме функционална мултиетничка демократија, којашто е силно определена кон европските вредности. Ни значи поддршката од земјите членки на ЕУ. Но, нашиот став е дека за сработеното, време е да се оддаде признание преку конкретен исчекор на нашиот евроинтеграциски пат, рекол Заев на средбата.